Чавков издаден од близок пријател – ММС
ММС

Објавено на: 03/13/19 9:36 AM

Чавков издаден од близок пријател

Чавков има вила на Халкидики и планира таму да избега – била клучната реченица од негов пријател, по која судот решил да го прати поранешниот министер за внатрешни работи во притвор. Тоа е содржината на службената белешка која стигнала во Бирото за јавна безбедност, делот од МВР со кој раководеше токму Митко Чавков. Според оперативните сознанија на Бирото за јавна безбедност, Чавков има вила на Халкидики каде планирал да избега пред да му биде изречена пресудата за 27 април.

„По остварена средба со близок пријател, подносителот на службената белешка добил инфорамција дека обвинетиот во случајот за „27 април“, Митко Чавков, поседува вила на Халкидики Р. Грција, каде истиот планира, пред да биде изречена пресудата во петок (15.03.2019 година), да ја напушти државата, односно да се даде во бегство, при што се напоменува дека пријателската врска е во многу блиски релации со семејството на обвинетиот“, е содржината на решението на судот за притвор.

Адвокатот на Чавков, Сашо Дуковски оцени дека решението е смешно бидејќи се засновува само на една единствено сознание од пријател на Чавков. Според адвокатот тоа значи дека судот веќе има донесено пресуда и кажа дека веројатно е тоа казна затвор од најмалку 14 години.

Професорот на Правниот факултет Гордан Калајџиев исто така беше изненаден од притворот. Во телевизиско гостување кажа дека ова е втор пат Обвинителството да покаже претпазливост пред изрекување на пресуда, но не и дека било изрекувано притвор.

-Јас бев изненаден со денешната одлука. Ваков прeceдан досега не сме имале, притвop пред објавување на прecyдата. Она што ги плаши луѓето е дека е веќе падната одлуката и дека се спрема тешка казна. Морам да признаам дека сум изненаден од оваа одлука, рече Калајџиев.

Чавков синоќа беше приведен во неговиот дом и однесен во Истражниот затвор во Шутка. Како обвинет за настаните од 27 април му се заканува затворска казна од 10 години до доживотен затвор.