Веќе три децении секој 1 март, низ цел Исланд се одржуваат разни веселби и фешти во чест на Денот на пивото. Ова за Исланѓаните е значаен датум зашто дури 7,5 децении пивото било забрането за консумирање. По многу децении прохибиција, од 1 март 1989 година тие почнале пак да уживаат во овој пијалак. Исланд денес е преполн со пивници, а Исланѓаните се луди по пивото.
Во далечната 1915 година властите на оваа островска земја донеле одлука да ги забранат сите алкохолни пијалаци без исклучок. Но, во 1933 година било дозволено консумиање вино од Шпанија и од Португалија, за да се поправат трговските односи со двете земји. Набрзо потоа, биле дозволени и другите алкохолни пијалаци, освен пивото – и тоа од политички причини. Во тоа време Исланд се борел за независност од Данска (се избори во 1944 година), а пивото многу се поврзувало со данската култура, па во Исланд се сметало како „антпатриотски пијалак“.


