Во Штип лани 112 нелегални градби – ММС
ММС

Објавено на: 03/9/19 1:21 PM

Во Штип лани 112 нелегални градби

Гаражи, индивидуални куќи, доградби и наградби, реконструкции на деловни објекти, се дел од извештаите за нелегално градење во текот на минатата година, коишто ги презентираа двајцата општински градежни инспектори во Штип.

За една година евидентирале 112 вакви нелегални градби на индивидуални куќи, станбени згради и деловни објекти. Тоа значи дека во Штип минатата година секој трет  ден никнувал ваков објект на диво.

Градежниот инспектор, Билјана Финдакова вели дека минатата година во населбата Балканска некои граѓани се обиделе да градат нелегално и тоа индивидуални куќи.

– Пробаа да градат нови куќи на улица „Балканска”, окупираат мало место четири на четири. Спречуваме на време, за два дена се поставуваат темели и тоа од петок до понеделник , вели Финдакова.

Градежниот инспектор, Лазо Стојменов забележува дека секој дел од градот постојано се контролира, но одредени граѓани и понатаму продолжуваат со нелегална изградба.

Штип  има најголем број дивоградби во споредба со општините од Истокот,  кои се пријавени за легализирање, бројката е над 11.000, од коишто над половината веќе се и легализирани. Но, токму изградбата на диво во Штип создаде и голем урбанистички хаос, а особено во населбите, како што се Железничка, Балканска, Дузлачки рид, Света Недела,  каде што има вакви објекти. Во овие населби се изградија нестандардни улици, по коишто неможат да се разминат два автомобила, а комуналното претпријатие мора постојано да интервенира и да ја реконструира водоводната и канализациона мрежа.

Во изминатите две децении на диво градеа не само социјални случаи, туку и полицајци, судии, бизнисмени и свештеници.