Британската амбасадорка Галовеј во посета на „Канал 77“ – ММС
ММС

Објавено на: 02/28/19 5:27 PM

Британската амбасадорка Галовеј во посета на „Канал 77“

Работата на првото приватно информативно национално радио, плановите и визиите, беа предмет на разговор што управителот на „Канал 77“ со неговиот тим го имаше со амбасадорката на Обединетото Кралство во Македонија, Н.Е. Рејчел Галовеј. При тоа, на амбасадорката Галовеј и’ беа дадени перспективите на национален медиум, кој е единствениот медиум, кој што своето седиште го има надвор од Скопје. Со тоа, како што беше кажано во текот на разговорите и аголот на известување е поинаков со порака дека „Македонија не е само Скопје“. Во прилог во овој аспект беше и примерот што го даде амбасадорката Галовеј со британскиот јавен сервис Би-Би-Си (BBC), кој своето седиште од метрополата Лондон го сели во Манчестер.

Во текот на средбата стана збор за медијската состојба во медиумите во Македонија, очекуваните реформи во медиумскиот сектор, нотирани и  во извештајот на Европската Комисија за Македонија и воопшто состојбата со медиумите како столб на демократијата.

Во Мултимедијалниот центар „Канал 77“ амбасадорката Рејчел Галовеј се сретна и со претставниците на граѓанскиот сектор. Домаќин беше Ресурсниот центар на ЕУ во Штип, лоциран во Мултимедијалниот центар, каде претставниците на граѓанскиот сектор реагираа на централизирање на фондовите за организации лоцирани во Скопје, при што истакнаа потреба донаторската заедница да ги регионализира своите фондови. Како резултат на  централизираноста на фондовите, граѓанските организации во Штип и Источна Македонија живеат од грант до грант, потпирајќи се на енергијата на волонтерите.