На Голак одбележана 75 годишнината од февруарскиот поход – ММС
ММС

Објавено на: 02/25/19 9:17 AM

На Голак одбележана 75 годишнината од февруарскиот поход

На планината Голак се одбележаа 75 години од Февруарскиот поход. По тој повод во организација на општина Делчево беше реализиран планинарски марш од Делчево до Голак на кој учествуваа педесетина планинари од Делчево и соседните градови. Во чест на значајниот датум од НОВ,  спомен плочата на Февруарскиот поход денес доби нов постамент.

 -Оваа година одбележуваме 75 години од значајниот датум за македеонската историја. Во февруарскиот поход учествуваше Третата воена единица во Македонија која што дејствувала на потегот на планините Голак, Плачковица, Осогово и Беласица, поход кој имал големо значење за развој на Народно-ослободителното движење во тој период. Оваа спомен плоча која овде се наоѓа 50 години, минатата година ветивме и еве годинава го остваруваме ветеното за поставување нов постамент за да можеме достојно и со почит да ги одбележуваме годишнините од Февруарскиот поход, за сите оние кои ги дале животите за да можеме ние денес да живееме во слободна и независна држава, рече градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски.

 Пред постаментот на Февруарскиот поход, освен делегација на општина Делчево и градоначалникот Горан Трајковски, свежо цвеќе положија претставници на Советот на општина Делчево, претставници на Организацијата на резервни офицери, Здружение на борци, пензионери и останати институции и граѓани.

За сите учесници во планинарскиот марш, општината додели благодарници и признанија.

Валери Спасевски