Мини депонијата која веќе неколку недели ја нагрдува урбаната слика во Делчево беше причината од општинската организација на ДОМ да го изразат своето незадоволство до несовесните граѓани, кои градежниот шут и останатиот отпад го исфрлаат на само 5 метри од детското игралиште во центарот на градот.
Претседателката и советничка од редовите на Демократската обнова на Македонија (ДОМ), Диана Јосифовска, осудувајки го ваквиот чин, апелираше до надлежните да преземат поактивни контроли и санкции како ваквата состојба не би продолжила и понатаму.
„На само неколку чекори од детското игралиште во централното подрачје во општина Делчево, на самиот паркинг каде бугарски туристи ги паркираат своите возила и автобуси и доаѓаат со своите деца се создаде нова дива депонија која ја нарушува убавата слика за градот. Пред неколку месеци имавме кампања против дивото депонирање на јавните површини, но очигледно истата не вроди со плод“, истакна Јосифовска.
Таа апелираше до надлежните институции да се поведат поактивни контроли и санкции против несовесните граѓани со цел ваквите срамни сцени во иднина да не бидат слика за општина Делчево.
Од раководството на Демократската обнова на Македонија – Делчево, најавија регистрирање на сите диви депонии кои ќе бидат забележани на територијата на општина Делчево и нивно обелоденување пред јавноста.
Валери Спасевски


