КСС:Ако најдоа начин да ги покачат платите на министрите, ќе најдат и за нас – ММС
ММС

Објавено на: 01/26/19 7:15 PM

КСС:Ако најдоа начин да ги покачат платите на министрите, ќе најдат и за нас

Покачување на платата, но не со септемвриската, туку со таа за јануари и тоа покачување за 25%, побараа од протестот во Штип десет грански синдикати обединети во Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС). Преку големиот транспарент „Стоп за трансфер од јавен во приватен сектор“, синдикатите порчаа дека ниеден нивен член нема да остане без работа.

Насобраните кои дојдоа по протестираат и покрај лошите временски услови предизвикани од снежните врнежи, побараа пристојна плата за пристоен живот, усогласеност на платата со просечната плата, исплата на К-15 во јавниот сектор. За тоа што е пристојна плата, еден од присутните рече дека е минимален износ од 40.000 денари.

-Платата стигнува за основни работи, за ништо повеќе. Ние ќе бидеме упорни и ќе бараме, изјавија присутните.

Денеска во Штип, иако неработен ден за јавната администрација, во некои од институциите се работеше, како во Центарот за социјални работи и во Театарот, каде во време на протестот се одржуваше детска претстава. Од КСС изјавија дека тоа е форма на попречување на вработените да дојдат на денешниот протест.

-Добиваме информации дека во одредени установи или општини се организираат регионални натпревари и состаноци, и тоа од вчера за денеска, се со цел да не спречат, да не опструираат овдека на плоштадот во Штип. Но, можам да кажам слободно дека ние сме голем синдикат и колку повеќе да не спречуваат, толку повеќе ќе бидеме на улици. Не можат да не спречат да направиме ниту протест, ниту да си ги побараме барањата, кои се сосема легитимни, изјави Благоја Ралповски од КСС.

Синдикалците најавија дека ќе го интензивираат притисокот до власта во пресрет на потпишувањето на новиот Колективен договор. Следниот протест го планираат во западна Македонија и уште еден во Скопје.

-Ако Власта нема слух за нашите барања, тогаш ние како синдикат ќе организираме голем масовен собир, а потоа и генерален штрајк на сите нас, вработени во јавниот сектор во цела Македонија“, рече Јаким Неделков од СОНК.

Според него, фактот дека и по ова лошо време се собраа луѓето на протест, зборува дека се незадоволни од состојбите.

-И по вакво лошо време се охрабрија да излезат на јавен протест каде што јавно ќе го искажат своето незадоволство од состојбите во јавниот сектор, рече Неделков.

На протестот, како што соопшти КСС, биле поканети претставници на извршната власт, за изворно да го слушнат незадоволството на јавната администрација. Покани биле упатени и до пратениците. Штип има двајца пратеници, двајцата од опозициската ВМРО ДПМНЕ, но тие денеска не дојдоа на протестот.