Продукцијата Инсајдер подготвува тужба против телевизијата 1 ТВ во сопственост на Бојан Јовановски, со барање да се забрани емитувањето на најавената емисија Македонски инсајдер.
Телевизијата лани во септември го најави емитувањето на оваа емисија соопштувајќи дека се работи за лиценциран формат, а веќе на почетокот на годинава ги објави и темите кои истата ги опфаќа. Поради поврзувањето на оваа емисија со продукцијата Инсајдер која е позната по својот формат во целиот регион, од самата продукција денеска информираа дека до телевизијата испратиле писмо со опомена, но бидејќи најавите на емисијата и понатаму се емитуваат, продукцијата сега подготвува тужба.
Продукцијата Инсајдер во Македонија поднесе барање за признавање на графичкиот материјал кој е во фаза на регистрација. Во тек е подготвка на тужба против телевизијата 1ТВ од Скопје, со барање за одредување привремена мерка на забрана за емитување на спорната емисија до правосилно завршување на постапката – објави на својата веб страница продукцијата Инсајдер.
Првата најава за македонскиот Инсајдер беше објавена на 20 септември и најавена како емисија чиј тим ќе се занимава со истражувачко новинарство во врска со криминалот и корупцијата. Уредниците наведуваа дека се работи за лиценциран формат кој ќе работи по стандардите на лиценца.
Кон средината на јануари објавена е и видео најава во траење од 3 минути за темите кои ќе бидат емитувани во серијалот. Поради фактот дека Инсајдер како продукција нема врска со таа емисија или телевизија, одлучено е да се преземат правни чекори, за да не бидеме официјално или неофицијално доведени во врска со серијалот кој се најавува – додаваат од продукцијата.


