Неколку недели ја делат Македонија од седнувањето на столчето во НАТО заедно со останатите земји членки откако земјата го заврши својот дел од обврските поврзани со Договорот од Преспа. Ова денеска го порача министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која во Скопје имаше средба со шефот на Бирото на националната гарда на САД, генерал Џозеф Ленгиел.
Таа се сретна и со својот словенечки колега, Карл Ерјавец, кој е во официјална посета на Република Македонија. По средбата, изрази оптимизам дека Грција ќе го исполни својот дел од Договорот.
„Македонија завшри со чекањето. Недели не’ делат од она на што се посветивме во изминава година и половина, а тоа е македонското знаме и ние како македонски претставници да седнеме на иста маса со 29-те земји членки на Алијансата“, посочи Шекеринска.
„Пред функцијата министер за одбрана на Република Словенија седум години бев во Министерството за надворешни работи на Република Словенија и многу добро знам колкави напори се потребни и колку работи треба да се направат за да се влезе во НАТО СОјузот и да се влезе во Европската унија“, изјави словенечкиот министер за одбрана, Ерјавец.
Во рамките на неговата посета, тој ќе учествува на панел дискусијта која денес ја организира собраниската Комисија за одбрана и безбедност. Оваа дискусија ќе се фокусира на улогата на НАТО за нашата земја, придобивките што ги обезбедува членството во НАТО, како и укажување на словенечкото искуство, предизвиците и придобивките од нивното пристапувањето во НАТО.


