Вкупно 50 деца се уште не ја примиле вакцината против морбили во Делчево. Ова е податок кој денес го соопшти директорката на делчевскиот здравствен дом Марија Глигоровска која рече дека во период кога постои голема антикампања против вакцинирањето, се поголем е бројот на родители кои одбиваат нивните деца да примат вакцина против морбили.
-Не се малку 50 деца во една општина како Делчево. И тука може да се разгори епидемијата, макар што сме околу 200 километри од Скопје. Многу голема штета е сето ова што се случи и е актуелно во медиумите кои им оди во прилог на поддржувачите на антикампањата за вакцинација против морбили. Вакцината го заштитува пациентот во најголем дел од случаите или ајде да речеме ако се случи во тек на животот да се заболи од морбили детето или повозрасната особа која е вакцинирана полесно ќе ја прележи појавата на морбили кое е многу заразно заболување, вели Глигоровска.
Додаде дека според одредени сознанија кога нема да се прими вакцина против сипаници или морбили, а болеста е прележана, постои можност и по 20 години да се појави компликација кај личноста која не е вакцинирана.
-Појавата која може да настане и по 20 години по прележувањето се вика паненцефалитис или воспаление на мозок, така што родителите кои ја поддржуваат антикампањата против вакцината, треба многу да се информираат пред да прочитаат било какви информации на социјалните мрежи и да веруваат во непроверени информации. Мислам дека тука и ние докторите и вие новинарите допринесувате за таа антикампања и затоа повторувам дека многу добро треба да бидеме едуцирани, пред се за причините и последиците пред да донесеме одлука да не го вакцинираме детето, односно да го осудиме да биде во исчекување на тие последични промени кои поради непримената вакцина можат да му се јават во животот, вели Глигоровска.
Во насока на препораките кои делчевскиот здравствен дом ги доби од Министерството за здравство извршена е контрола и проверка на вакцините кои се наоѓаат во установата при што не е констатиран случај на вакцина со различен рок на траење од втиснатиот датум на производителот.
Валери Спасевски


