Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска нема да влезе во Собранието, каде почнува третата фаза од уставните измени. Седницата почнува во 12 часот, по што пратениците на опозициската партија на прес конференција ќе го соопштат својот став – потврди координаторот на пратеничката група Никола Мицевски.
За тоа дали наместо во Собранието, пратениците на опозициската партија ќе се придружат на протестот, пред Собранието, Мицевски рече дека за тоа ќе се координираат.
Седницата на Собранието на Република Македонија е закажана за напладне, со констатирање на оставката на Томислав Тунтев од СДСМ, кој заминува во Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба (АЦВП). По работата на Државната изборна комисија следи верификација на мандатот на Рубин Земон, кој доаѓа на местото на Тунтев. Поради тоа, расправата за уставните измени се очекува да почне по пазузата за ручек.
Расправата, сепак, се очекува дека нема да заврши брзо, иако како што дознаваме, обезбедено е потребното мнозинство од 81 пратеник. Како што брифираат од Собранието, расправата ќе тече се’ до завршувањето на посетата на германската канцеларка Ангела Меркел на Атина.


