Општина Гостивар остана без буџет за наредната година – ММС
ММС

Објавено на: 12/28/18 4:08 PM

Општина Гостивар остана без буџет за наредната година

Политичките препукувања и инаетења меѓу позицијата и опозицијата во советот на Општина Гостивар, најверојатно и годинава ќе го остави градот без буџет за 2019 година. Крајниот рок за изгласување на на буџетот е 31 декември, а неделава во два наврати советниците не успеаа ниту да расправаат за еден од најважниот документ во општината.

Ако не се изгласа буџетот за наредната година, ќе нема плати и придонеси за дел од вработените во општинската администрација, рече претседателот на советот на Општина Гостивар Насир Муслиу кој доаѓа од ДУИ, партија која го предводи мнозинствотот во советот. Тој истакна дека без буџет во општината ќе нема можност да се реализираат никакви капитални инвестиции.

„Минатата седница беше прекината, а врз нашите советниците имаше закани и притисоци. Доколку Советот на општина Гостивар не го изгласа буџетот до 31 декември, последици ќе трпат вработените во администрацијата, училиштата и другите, чии плати зависат токму од буџетот. Градоначалникот го повлече од дневен ред и тој самиот ја сноси одговорноста. Ние сме подготвени, во интерес на вработените, кога градоначалникот ќе обезбеди услови, да продолжиме со седницата и да го гласаме буџетот“, изјави Насир Муслиу, претседател на Совет на општина Гостивар.

Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, рече дека одлучил на денешната седница на советот да го тргне од дневен ред предлог буџетот на општината, затоа што мнозинството на советот, сакале да вметнат предлози, кои ќе ја закочеле работата на општината.

Поради политички препукувања и инаетења, и лани не беше донесен буџетот навреме, па општината мораше времено да се финансира од централната власт, што резултираше со ненавремена исплата на плати и застој во областа на инвестирањето.