Стотина социјално загрозени семејства од Кавадарци од денеска ќе добиваат достоинствен оброк. Бизнис секторот, локалната самоуправа и еколошкото друштво „Еко живот“ во соработка со Банката за храна на Македонија ќе обезбедуваат храна за луѓето кои поради сиромаштија неможат да си обезбедат оброк.
Ова за прв пат се случува во општина Кавадарци и иницијаторите очекувaат дека бројот на корисници ќе се зголемува од првично пријавените.
„За почеток од ЦСР Добивме список со 100 тина лица. Ќе добиеме поширок список во наредниот период на лица на кои им е потребна храна“ вели Роберто Паризов од „Еко живот“.
Тој нагласува дека идејата е Кавадарци да биде општина каде ќе нема гладни и ги повикува и останатите од бизнис секторот да се вклучат со свои донации во банката за храна, а истото можат да го направат и граѓаните кои сакаат да помогнат на сиромашните. Паризов вели дека се отворени за соработка и секој што сака да ја покаже својата хуманост може да достави прехранбени пакети.
„Би било добро да направиме напори банката да доставува неколку пати во месецот храна и хигиенски производи“ додава Паризов.
Душко Христов од Банката за храна истакнува дека Кавадарци е меѓу ретките градови во регионот и Европа кој ќе го решава овој проблем. Тој информира дека веќе од локалната самоуправа обезбедиле простор за чување на храната, но и возило со кое ќе се дистрибуира до социјално загрозените семејства.
Ангел Данов


