Власта ги премина границите, реагира Пировска – Бошњаковски тврди не се мешаме во судството – ММС
ММС

Објавено на: 12/19/18 5:05 PM

Власта ги премина границите, реагира Пировска – Бошњаковски тврди не се мешаме во судството

Власта си ја презема улогата на делител на правдата и со тоа ги премина границите до каде што може да оди во практикувањето на својата моќ – вака претседателката на Хелсиншкиот комитет за човекови права, го коментира донесувањето на Законот за амнестија во Собранието.

Треба да разбереме дека и во услови на режим, многу внимателно треба да се бираат сојузниците во борбата за слобода. И така, борбата продолжува – напиша Пировска на социјалната мрежа Фејсбук. Прашан за коментар во врска со оваа објава, владиниот портпарол, Миле Бошњаковски денеска посочи дека  целта на овој Закон е помирување. Според него, Владата не се меша во судството.

„Како што кажавме и повеќе пати, Владата поддржува акти со кои ќе се дефинираат помирувањата. Акти со кои јасно ќе се разграничи насилството, физичкото насилство и осмислувањето на насилството за 27 април наспроти присуството во Собранието како дел од толпа, односно тие што го осмислиле црното сценарио, тие што извршиле насилства и тие што треба да се исправат допрва пред лицето на правдата. Овие политички одлуки носат политичка одговорност, но важно е дека мешање во судството нема, ниту ќе има по која било основа. Целта на овој Закон е да се донесе помирување помеѓу највисокиот орган во државата, односно во Собранието на РМ“, истакна Бошњаковски.

Европската комисија, новото законско решение го оцени како можност за помирување во општеството.

Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчиќ, во пишана изјава објасни дека одлуката на Собранието да го усвои Законот за амнестија со големо мнозинство е важен чекор кон помирување на општеството и за надминување на болната поларизација.

Опозицијата пак, вчера обвини дека овој Закон нуди селективна правда, која е еднаква на неправда.