Не може однапред да се коментира каков епилог ќе има изгласувањето на законот за амнестија за собраниските настани од 27 април, откако пратениците се договорија судот и обвинителство да го имаат последниот збор кој ќе биде амнестиран.
Собраниските служби веднаш по изгласувањето во вторникот попладнето, уште истиот ден го испратиле законот на потпис кај претседателот Ѓорѓе Иванов. Дел од медиумите, повикувајќи се на извори од Кабинетот на претседателот, пренесоа дека Иванов деновиве ќе го потпише законското решение.
Оттаму веднаш потоа ќе го испратат да се објави во Службен весник. Откако законот ќе биде објавен во Службен весник, обвинетите за настаните за 27 април ќе имаат рок од пет дена за да поднесат барање за амнестија. Судскиот процес за организираниот напад во Собранието на 27 април лани го води судијката Добрила Кацарска, а обвинението го застапува обвинителката Вилма Рускоска.
Веднаш откако амнестијата беше договорена со консензус од партиите, и беше едногласно изгласан во Собранието, низа шпекулации се појавија околку целиот процес. Експертската јавност е поделена, според едните законското решение е соодветно, а според други дека законот ќе донесе нова неизвесност. Познавачите на политичките прилики не ја исклучуваат можноста претседателот Иванов да прогласи и општа амнестија со која би биле опфатени сите учесници во собраниските настани од 27 април минатата година.
Поранешниот судија Дане Илиев во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека ќе биде премногу, доколку има општа амнестија за целиот настан.
-Досега не сме имале амнестија во ваква форма, и не може однапред да се каже како сето ова ќе заврши. Со ваквото решение целата надлежност е префлена на јавното обвинителство и судот што е незамисливо. Сега тие ќе мора да постапат по закон, и тие треба да одлучуваат кои дејствија нема да се гонат. Роковите се многу кратки, и во овој момент ништо не може да се предвиди. Не очекувам претседателот Ѓорѓе Иванов да даде општа амнестија за целиот настан, мислам дека тоа би било премногу, вели Илиев.
Тоа што законот беше едногласно изгласан, испраќа порака дека власта и опозицијата очигледно нашле некаков заеднички содржател, смета комуникологот Петар Арсовски.
-Мислам дека претседателот на државата Ѓорѓе Иванов нема да прогласи општа амнестија за целиот настан, затоа што неговиот последен обид наиде на остра критика од јавноста, а во овој случај е многу и политички комплицирано. Сепак, очекувам дека претседателот без проблем ќе го потпише законот за амнестија, исто како што очекувам да не стави “амин” на уставните измени, вели Арсовски во изјава за ВЕЧЕР.
Адвокатот Александар Тортевски на социјалните мрежи напиша дека власта и опозицијата направиле коалиција.
– Се договоривте со ВМРО да земате по 4,5 милиони евра за финансирање на партиите. Почесниот претседател нивни го пуштивте да избега со се парите. Изгласавте амнестија само за нивни пратеници. ГОСПОДО ОД СДСМ! ОБЈАВЕТЕ ЈАВНО ДЕКА СТЕ ВО КОАЛИЦИЈА СО ДПМНЕ, пишува Тортевски.
Владата и сите нејзини структури ги поддржуваат сите акти со кои се дефинира помирувањето, рече портпаролот Миле Бошњаковски.
„Владата многупати има повторено дека во моментот се случуваат историски процеси. Интеграција на Македонија во НАТО и во ЕУ. Ова се процеси кои ја движат Македониоја напред. Поддржуваме акти со кои ќе се дефинира помирувањето. Јасно ќе се разграничи насилството, наспроти присуството во Собранието. Овие политички одлуки носат политичка одговорност. Мешање во судството нема да има по која било основа. Ќе се донесе помирување и јасно е дека нема да има амнестија за организаторите или тие кои учествувале или извршиле насилство“, порача Бошњаковски.
Законот со 95 гласа „за“ и ниту еден „против“ беше изгласан во Собранието, а ќе стапи на сила денот кога ќе биде објавен во Службен весник, откако ќе добие “амин” од претседателот на државата.
Иако беа присутни во салата, копче „за“, ни црвено „против“, не стиснале 18 пратеници. Меѓу нив се и опозиционерите Антонио Милошоски и Благица Ласовска, Горан Милевски од ЛДП, Амди Бајрам, но и првиот интегративец Али Ахмети, како и неговиот сопартиец Џевад Адеми.
Обвинетите за случувањата од 27 април минатата година во Собранието, според законот, ќе имаат пет дена да поднесат барање за амнестија. По барањата на обвинетите, во рок од нови пет дена ќе одлучува судот, односно Судечкиот совет кој го води случајот на чело со претседателката Добрила Кацарска, во консултација со јавната обвинителка која го поднесе обвинението, Вилма Русковска.
Амнестијата нема да ги опфати организаторите и подготвувачите, лицата кои извршиле физичко насилство, лицата со фантомки кои извршиле насилство, кои носеле оружје и експлозивни направи, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања. Ќе бидат изземени и лицата кои се обвинети за здружување заради непријателска дејност согласно чл. 324 од КЗ, како што се согласија вчера членовите на Интерпартиската парламентарна група за реформи, интеграција и помирување.