Да се биде домаќинка е професија, бидејќи ако сте невработена, тоа не значи дека не работите. Домашните обврски одземаат и повеќе од просечното работно време, а нема споредба домашното зготвено јадење со она купено од маркет или од ресторан за носење.
Ваш личен избор е дали ќе бидете домаќинка, но ако ја донесете таа одлука, тогаш навистина бидете домаќинка и грижете се за домот, децата и постарите лица во семејството. Домаќинката го распределува домашниот буџет, готви, чисти, пере, пегла, ги чува децата и постарите, домашните миленици и го одржува дворот/градината.
Тоа воопшто не е лесна работа, па колку би требало да биде платена една домаќинка за сите овие услуги? Колку всушност се заштедува од домашниот буџет што не ги плаќате овие услуги поединечно?
Направивме пресметка со некои средни цени за услугите што се нудат, а домаќинките ги работат секој ден.
Ако ангажирате некој да готви за семејството секој работен ден, тоа ќе ве чини околу 10.000 денари месечно, колку што чини и чување едно дете.
Чистење на станот изнесува 1.000 денари неделно, а перење и пеглање околу 300 денари од полнење на машина, а сметајте дека едно четиричлено семејство речиси секој ден пушта по една машина за алишта.
Сервисите кои нудат услуга да пазарат за вас и да ви и донесат намирниците до дома наплаќаат по околу 200 денари од пазарење, а шетањето миленичиња чини околу 3.000 денари месечно.
Ако земеме дека перете алишта три пати неделно и пазарите два пати неделно и ги користите сите погоре спомнати услуги, почетната плата на домаќинката би требало да изнесува околу 32.000 денари.
Затоа, ценете го изборот на секоја жена и трудот што таа го вложува. Не секој труд и работа може да се пресметаат во пари.