Кавадарци доби лизгалиште – ММС
ММС

Објавено на: 12/18/18 2:27 PM

Кавадарци доби лизгалиште

Основците и средношколците од Кавадарци од денеска по наставата по физичко и здравствено воспитување имаат можност часови да одржуваат на лизгалиштето кое започна да работи во склоп на спортскиот центар „Јасмин“.

Лизгањето за нив ќе биде бесплатно во текот на декември, јануари и февруари.

„Ова за нас наставниците по физичко и здравствено воспитување е од особено значење. Се дава важност дека на секое дете кое сака да спортува, ние треба да му го овозможиме тоа“ вели наставникот по физичко и претседател на Сојузот на училишни спортови на град Кавадарци, Милан Колев.

Радоста кај учениците кои за прв пат застанаа на лизгалки беше огромна. Учениците ќе добиваат едукација и од тренери од Хокејарската федерација на Македонија.

dav

“Ние имаме план да праќаме тренер секоја недела во зависност од побарувањето. Ова е еден одличен проект кој ќе придонесе за хокејот во Македонија да дојде до сосема солидно ниво. Се планираат лизгалишта да се отворат во наредниот период и во Битола и Охрид“ изјави Стефан Децковски од Хокејарската федерација.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, чија беше  и идејата за изградба на лизгалиште е задоволен што градот со овој спортски објект може да биде на рамниште со поголемите градови во земјава.

„Ќе можат децата да се релаксираат. Еуфоријата денеска е на високо ниво. Задоволство ми е што Кавадарци доби лизгалиште и што можеме да се рамниме со поголемите градови“ изјави Јанчев.

По завршување на наставата, лизгалиштето ќе работи и комерцијално за сите граѓани кои се заинтересирани за овој спорт.

Ангел Данов