Саливан: Русија сака да го поткопа Договорот од Преспа – ММС
ММС

Објавено на: 12/18/18 1:31 PM

Саливан: Русија сака да го поткопа Договорот од Преспа

Aмериканскиот заменик-државен секретар, Џон Саливан тврди дека Русија сака да го поткопа Договорот од Преспа што го постигнаа Македонија и Грција. Според него, Русија ќе направи се’ што е во нејзина моќ за да го попречи членството во НАТО.

Саливан кој е во посета на Македонија, денеска истакна дека не е тајно руското спротивставување на Преспанската спогодба и никој нема сомнеж дека ќе направи се’ што може во сопствен интерес за да го поткопа процесот на спроведување на договорот.

На прашањето какви се ризиците Преспанскиот договор да не биде ратификуван во грчкиот Парламент, Саливан рече дека тоа е спогодба постигната од страна на двајца храбри лидери на двете земји и САД цврсто веруваат во спроведувањето на договорот.

„Спроведувањето на оваа спогодба е важно за просперитетот на двете земји, за Грција и за Македонија. Двајцата премиери покажаа храбро лидерство и САД се горди на ваква спогодба што е постигната меѓу двете земји. И понатаму ќе продолжиме да го поддржуваме спроведувањето на спогодбата и тоа е една од причините за мојата посета на Скопје“, рече Саливан.

Во однос на целосното спроведување на Договорот од Преспа и дали има и минимален ризик да не успее тој процес, Заев рече дека најсериозна гаранција за успешноста на процесот е неговата инклузивност, преку која активно учество земаат огромен број на пратеници, а не само осумте пратеници од новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Заев нагласи дека главните стратешки цели на Македонија остануваат членство во ЕУ и НАТО. Порача дека Македонија е посветена на регионалната соработка и се залага за силен и стабилен Балкан со поддршка на ЕУ и САД.

Инаку, Саливан во Скопје пристигна како највисок функционер на Стејт департментот кој од 2001 година доаѓа во официјална посета на Макеоднија.