Пазарџиите бараат одложена примена на Законот за зелени пазари – ММС
ММС

Објавено на: 12/17/18 4:53 PM

Пазарџиите бараат одложена примена на Законот за зелени пазари

Примената на новиот Закон за трговија на зелените пазари може да придонесе за еден вид незаконско работење на организаторите на пазарите. Ова е ставот на Стопанската комора на Македонија, која на две недели пред стапувањето на сила на овој Закон, бара неговата примена да биде одложена. Оттаму велат дека некои негови членови нема да може да се применат, бидејќи не се дефинирани условите како ќе изгледа лиценцата за вршење дејност.

„Законот е донесен по брза постапка во јануари годинава, а комората не беше консултирана. Се предвидуваше подзаконските акти да се донесат до април, а беа донесени во септември. Сметаме дека три месеци се недоволен период организаторите на пазари да се прилагодат на новите одредби и да го усогласат своето работење и дека треба да претрпат сериозни измени неколку членови од законот. Додека не бидат направени измените законот реално не може да функционира онака како што е сега поставен поради што сметаме дека треба да биде одложен за некое време“, изјави денеска на прес конференција Даниела Михајловска – Василевска. Забелешките за новото законско решение, за кое сметаат дека е избрзано, пред една недела и официјално ги испратиле до министерот за економија, Крешник Бектеши.

Бараат да се прошири можноста кој се може да тргува на зелените пазарите и да се отстрани од законот делот кој кажува дека не можат да закупат тезга трговците поединци, како и лицата кои остваруваат доход по основ на работен однос, пензија и преку договор на дело. На тој начин, потенцираат, сметаат дека ќе се намали за 30 отсто бројот на лицата кои закупуваат тезги и прометот на зелените пазари.

Како второ го истакнуваат барањето легитимацијата за закупците на тезги да не се врзува со бројот на тезга, бидејќи коморските здруженија немаат право да одредуваат кој број на тезга ќе му го даде организаторот на пазарот на закупецот. Третото барање е сите три комори на закупци на тезги да можат да издаваат лиценци за тезги, а не само една како што е предвидено во законот и на тој начин да се овозможи плурализам. Четврто барање на комората е да му се овозможи на трговецот што е носител на лиценцата да може да ја пренесе легитимацијата на член на потесното семејство доколку од објективни причини биде спречен да ја врши дејноста, а петтото да се предвиди можност со една издадена легитимација да може да се закупат повеќе тезги на ист пазар во иста општина.
Ресорниот министер, барањата се уште не ги разгледал, но Групацијата на пазарџии се надева дека во следните две недели ќе имаат средба со него за да ги образложат своите забелешки дополнително.

Во меѓувреме, во земјава има се’ помалку пазарџии, па нивниот број во моментот изнесува од 20 до 25 илјади.