Просечни температури и врнежи со мало надминување на просекот не очекуваат во претстојната зима 2018/2019 година. Метеоролозите очекуваат поголема количина врнежи до 25 отсто над просекот во источните делови од земјата.
Зимата годинава во Македонија и северната хемисфера ќе почне на 21 декември во 23 часот и 23 минути.
– Во Македонија, најголема веројатност постои просечната температура на воздухот за зимата 2018/2019 да биде во рамките на просечните вредности и малку над просекот. Тоа значи, очекуваните вредности да бидат во рамките на стандардните девијации, односно се од -1.5°С во Маврово до 5.0°С во Гевгелија, -1.1°С во Лазарополе, -0.3°С во Берово, 0.9°С во Битола, 1.0°С во Крива Паланка, 1.3°С во Прилеп, 2.0°С во Скопје, 2.3°С во Струмица, 2.5°С во Штип, 2.7°С во Охрид и 3.1°С во Д.Капија, информираат за МИА од УХМР, додавајќи дека евентуалните вредности над просекот нема да надминат 1.0-2.0°С.
Во поглед на врнежите, според Управата, постои консензус дека глобалните климатски показатели не даваат јасен сигнал за веројатноста количината на врнежите во текот на зимата да е под, над или со просечна вредност.
-Сепак, додаваат, предвидувањата се дека зимава врнежите ќе бидат просечни или малку над просекот. Во апсолутни вредности, за Македонија очекуваните врнежи се од 50 до 100мм/м2 месечно или од 100-350мм/м2 за целата сезона. При тоа, во источниот дел од државата тие ќе се до 25% над просечната вредност.
Метеоролозите напоменуваат дека е можна појава на подсезонски настани и дека е можна појава на зимски непогоди како зимски бури, многу ладни или многу влажни епизоди, кои се појавуваат одненадеж и кои можат да доведат до значителни локални социо-економски влијанија.


