Да нема индустриски капацитети туку парк, бараат граѓаните скопска Гази баба, преку петиција што ја доставија до општината. Имено собраа 317 потписи за, како што гласи во петицијата, „итно запирање на постапката за издавање под долгорочен закуп на земјиште (ДУП за Градска четврт „С 17″ Блок 1, О. Гази Баба)“. Сметаат дека изградбата на индустриски капацитети ќе го доуништи протокот на воздух. Граѓаните бараат итно запирање на постапката за издавање на просторот опфатен со Детален урбанистички план за Градска четврт „С 17″ Блок 1 за индустриски капацитети.
Дека жителите од овој дел на Скопје ќе се кренат и реагираат, се знаеше уште пред десеттина дена. Исплашени граѓани од околината на поранешната фабрика „Металски завод – Тито“, тогаш почнаа да собираат потписи против изградбата на нова фабрика за преработка на опасен медицински отпад.
Општината смируваше дека фабрика ќе се гради, ама за неопасен отпад, но објавените документи од страна на некои медиуми го докажуваа спротивното. Меѓу нив имаше договор склучен меѓу битолската компанија „Еко клуб“, како инвеститор и „Дрисла“, за вршење услуги на преработка на опасен медицински отпад. Примарна дејност на првата е менаџирање со отпад, и таа, според актуелната власт, добила дозвола за новата фабрика од поранешниот градоначалник Тони Трајковски, уште во декември 2014 година.
Ако актуелната локална власт како „виновник“ што фабрика ќе се гради, експресно го посочува поранешното раководство, а истовремено не ги демантира документите во кои се гледа дека ќе се преработува опасен медицински отпад што дополнително ќе го загади воздухот, тогаш логично е прашањето кој ја крие вистината? Зошто, ако фабриката не е опасна инвестиција, тоа гласно и јасно не се објасни? Зошто дури сега почнува градбата?
Околните фирми околу МЗТ алармираа за случајот откако инвеститорот, пред околу две недели, ги информирал дека ќе почне да гради, а и нивните информации говорат во прилог на документите на новинската агенција. Сега со помош на петиција ќе се обидат да го спречат процесот.
Извор: Скопскоехо


