Премиерот, Зоран Заев денеска уште еднаш повтори дека прифаќа телевизиски дуел во кое било време и во кој било медиум со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски само доколку тој претходно се изјасни дали е за членство во НАТО и ЕУ преку прифаќање на Преспанскиот договор, а ако не е за тоа, треба јасно да го каже и да понуди алтернатива.
„Подготвен сум во секое време и на секое место да дебатирам со Мицкоски, но чесно е тој да го каже својот став – дали е за членство во ЕУ и НАТО со поддршка од Договорот од Преспа и ако не е да ја каже алтернативата. Тогаш нека го избере медиумот, денот и терминот. Јас сум подготвен за соочување зашто тоа е демократски чин“, изјави Заев денеска.
Мицкоски го повика Заев на телевизиско соочување на последниот протест организиран во Скопје против владините политики. Заев беше повикан на тв дуел и од страна на портпаролот на партијата, Димче Арсовски.


