Новогодишната магија во семејството Вареловски во Кавадарци веќе е започната. Целото семејство е вклучено во украсување на нивниот новогодишен дворец, кој секоја година привлекува многу деца. Најмладите од Кавадарци, соседните градови но и од странство доаѓаат на гости во куќата на Дедо Мраз.
Годинава по 21 пат Ѓорѓи Вареловски ја има улогата на Дедо Мраз, бидејќи како што раскажува, тоа му причинува многу задоволство. Дворот е голем. Во него има седум метарска природна елка. Неколку илјади новогодишни светилки се поставени на неа. Илјадници лампиони и други украси ги има во целиот двор.

„Да израдуваш дечиња секоја година е нешто прекрасно. Дружбата меѓу луѓето е нешто феноменално“ вели Вареловски и нагласува дека во неговиот дом пред новогодишните празници доаѓаат околу 500 дечиња. Сите добиваат новогодишно пакетче, а тој ги подготвува со сопствени пари и дел од спонзорства.
Смета дека овој настан кој го организира со своето семејство е своевиден амбасадор на градот. И годинава очекува голем број дечиња да ја почувствуваат новогодишната бајка, бидејќи тој со семејството веќе го привршува украсувањето.
„Финансиски секако е потребно ова да се среди. Но јас секогаш кажувам дека песничката Елко елко порасни уште две три педи, единствено е кај мене. Таа е природна елка. Секоја година расте и е потребно да се купат плус лампиони и светилки. Без разлика на трошокот задоволството е најголемо“ вели кавадаречкиот Дедо Мраз.

Покрај радоста за децата кои ќе ја посетат неговата куќа, Вареловски подготвува и изненадување за децата од социјално ранливи семејства. Со парите кои ги оставаат поединци при посетата, обезбедува прехрамбени пакети и ги донира за божиќните празници.
Ангел Данов


