Учениците во прва година од десетте средни училишта во полошкиот регион преку поголем проект ќе учат како да го препознаат говорот на омраза, постапки и изразување на ваков говор. Посебен акцент ќе биде ставен на досегашните негативни искуства поврзани со говор на омраза во обичните разговори и преку социјалните медиуми.
СВР Тетово, неделава почна со реализација на превентивно-едукативниот проект „Стоп на говорот на омраза“, а чии носители се Отсекот за превенција, тетовската и гостиварската локална самоуправа и ОБСЕ.
Со проектот ќе бидат опфатени ученици во прва година од шестте тетовски и четирите гостиварски средни училишта. Низ предавања и дебати учениците ќе бидат запознати, како да го препознаат говорот на омраза, како да се дистанцираат од однесување, односно постапки и изразување со елементи на ваков говор и какви можат да бидат негативните лични и општествени последици.
По завршување на предавањата, што се планира да се одржуваат еден месец, се предвидуваат две сликарски работилници, на кои учениците ќе изработат експонати на истата тема, кои подоцна официјално ќе бидат изложени во Тетово и Гостивар.
Извор: МИА


