Од страна на официјалните ветеринари се вршат контроли дали локалните самоуправи имаат донесено план и програми за контрола на популацијата бездомни кучиња и во која фаза на реализација се во делот на изградба на прифатилишта за бездомни животни, како најсоодветен систем за контрола на популација на кучиња кој општините имаат законска обврска да го воспостават, наведува Агенцијата.
АХВ појаснува дека со контролите констатирани се неусогласености кај дел од општините и даден е рок за нивно отстранување, по што доколку не се постапи по истите, согласно законските надлежности, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе изрече и законски казни.
Потсетува дека во соработка со Ветеринарната комора и ветеринарните друштва, од септември годинава се спроведува процесот на идентификација на милениците, за што Агенцијата за храна и ветеринарство обезбеди 100 илјади бесплатни микрочипови. Во модулот за домашни миленици во Ветеринарно информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство во моментов се евидентирани 21.809 миленици, најголемиот дел кучиња.
– Како одговорна институција ги потсетуваме граѓаните дека имаат законска обврска да ги идентификуваат своите кучиња и мачки со микрочипови и затоа апелираме да ја искористат можноста и тоа да го сторат во рамки на кампањата за бесплатни микрочипирање на милениците, се наведува во соопштението на АХВ.


