Додека вработените во Еурокомпозит веќе два месеца чекаат плата, неизвесната ситуација во оваа прилепска фабрика страна тема на партиски препукувања. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека откако на власт е СДСМ, триста вработени секојдневно живеат во агонија. Партискиот портпарол, Димче Арсовски потсети на владиното ветување од пред година ипол дека проблемот со Еурокомпозит ќе биде решен.
На неговата изјава, СДСМ реагираше со писмено соопштение. Владеачката партија и денеска не пропушти раководството на ВМРО-ДПМНЕ да го нарече антинародно и лицемерно. Во соопштението, социјалдемократите наведуваат дека проблемот со Еурокомпозит е наследен, а сега истиот се решава системски, со цел комбинатот да застане на здрави основи со економска оправданост.
Во таа насока е измената на Законот за матријално обезбедување на невработени лица, кој е во собраниска процедура, а со кој се решава прашањето на матријално обезбедување на лица на кои што ќе им престане работниот однос по основ на технолошки вишок и кои биле вработени во претпријатија со доминатна сопственост на државата.
Пред една недела, работниците јавно се пожалија дека не само што немаат плата, туку и немаат работа бидејќи струјата е исклучена. Тие досега неколку пати протестираа и во Прилеп и во Скопје, а не ја исклучуваат можноста тоа повторно да се случи доколку проблемот конечно не се реши.


