Организирање празничен настан по ратификацијата на Договорот од Преспа на кој би се презентирала работата во економската соработка, на кој би биле присутни и Албанија и Бугарија – ова е предлогот од алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос до шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, јави дописничката на МИА од Атина.
„Му предлагам на Никола, штом ќе заврши нашиот заеднички напор за ратификација на Договорот од Преспа, штом го прославиме овој храбар обид на Никос Коѕијас и на двајцата премиери, да можеме да соопштиме нешто конкретно во рамките на квадрилатералната соработка. Еден празничен настан, освен политичката порака што ќе ја испратат нашите лидери. Да ја претставиме нашата работа на ниво на економска соработка“, рече Катругалос во обраќањето на почетокот на четвртиот министерски состанок во Солун.
Шефот на македонската дипломатија, Димитров предложил, а министрите прифатиле: на состаноците да им претходат подготвителни експертски средби.
Овој пат, фокусот на разговори на министрите од Македонија, Албанија, Бугарија и домаќинот Грција беше економската соработка:
„На оваа средба решивме да се фокусираме на економијата. Според мене, овој потег е апсолутно логичен, бидејќи ги разгледавме прашањата за безбедност и полициската соработка, кои што се многу важни за нас, бидејќи сите земји се соочуваат со предизвици, не само со миграцијата, туку и со организираниот криминал и корупцијата . Според тоа, мислам дека е логично да се преминеме на едно ниво кое бара многу позрела соработка: на нивото на економијата“, рече Катругалос.


