Еколошките налепници за возилата, кои се дел од новите измени на Законот за сообраќај влегоа во собраниска процедура. Првата фаза од Предлог законот денеска со шест гласа „за“ помина во Комисијата за економија. Според власта, ова е еден од начините со кои ќе се придонесе за намалување на аерозагадувањето, според опозицијата сепак, налепниците нема да го решат проблемот.
Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин вели дека дел од загадувањето се должи на старите возила кои се уведуваат во земјава и како што вели таа, новопредложената мерка за налепниците е слична на решенијата воведени во дел од земјите на Европската унија.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека законот е дискриминирачки, финансиски ќе ги оптерети граѓаните и ќе создаде конфликти во службите за технички преглед на возилата.
По стапувањето на законот на сила, при енормно зголемување на загадувањето на воздухот во градовите, возилата со зелена налепница ќе може слободно да се движат во заштитените еколошки зони, според одлуките на општините и Град Скопје.
За возилата со жолта налепница при зголемено загадување ќе има ограничување на движењето.
Во третата, најниската категорија, која ќе се означува со црвена налепница, ќе бидат возилата со Евро 2 или Евро 1 стандард, или без таков стандард. За нив ќе биде забрането сообраќањето во периоди на загадување на воздухот.


