Заев очекува Унгарија да го екстрадира Груевски, демократската фракција од ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност – ММС
ММС

Објавено на: 11/14/18 1:03 PM

Заев очекува Унгарија да го екстрадира Груевски, демократската фракција од ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност

Во случајот со бегството на поранешниот премиер, Никола Груевски нема пропуст од ниедна институција – смета премиерот Зоран Заев. Новинарите денеска го прашаа кој ќе сноси одговорност за бегството и дали ќе има одговорност од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

„Пропусти нема направено ниту една институција. Единствено ако граничните служби го пропуштиле на официјалните гранични премини и граничната полиција направила одредени пропусти веднаш дадовме налог да се истражи целата постапка“, изјави Заев.

Тој уверува  дека МВР постапило согласно законот посочувајќи дека без наредба не може никому да му се пристапи:

„Неколку дена претходно Груевски беше на иста Уставната комисија каде бев и јас во Парламентот. Ова го кажувам не затоа што не требало да бидеме поподготвени и повнимателни, туку затоа што тоа испраќа и сериозна порака дека не треба да правиме ништо повеќе од тоа што го пропишува законот. Од тој аспект строго е постапено согласно законот на еден внимателен и демократски начин“.

Заев додаде дека очекува Унгарија да постапи по веќе распишана меѓународна потерница со која бара екстрадиција на Груевски:

„Очекуваме од Унгарија да биде пример дека нема да штити криминалци кои направиле штета врз граѓаните на Република Македонија. Каква би била мотивацијата на нас земјите кандидати ако една земја членка на ЕУ биде засолниште на криминалци и не ја почитува меѓународната пракса, меѓународното право“.

Демократската фракција при ВМРО-ДПМНЕ пак, денеска му порача на Заев дека е срамно да молчи и да не бара морална и кривична одговорност од соработниците и судските функционери. Оттаму обвинуваат дека власта има одличен дил за меѓусебно негонење со дел од обвинетите во  македонскиот судски систем.

При тоа, фракционерите бараат партијата да му ја одземе на Груевски титулата почесен претседател.