Притвор од 30 дена за Јанакиески и Божиновски – ММС
ММС

Објавено на: 11/14/18 8:24 AM

Притвор од 30 дена за Јанакиески и Божиновски

Триесетдневен притвор определен на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски – соопшти утринава Основниот суд Скопје 1.

– Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 Скопје, постапувајќи по предлог на Специјалното јавно обвинителство за определување мерки за обезбедување присуство против М.Ј. и К.Б. опфатени во предметот „Титаник”, по ценење на фактите и доказите во предлогот донесе решенија со кои го прифати предлогот и на двете лица им определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 од ЗКП односно „ако постојат други околности што укажуваат на опасност од бегств – се наведува во соопштението.

Јанакиески и Божиновски рано утринава се приведени и однесени во затворот во Шутка. Нивното приведување следува по бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија каде тој побара политички азил. Груевски исто така е дел од обвинетите во овој предмет за кој денеска е закажано рочиште во скопскиот кривичен суд, но поради последните случувања неговото одржување е неизвесно.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и на минатото рочиште беа преслушани околу 70-тина аудио снимки предложени од Обвинителството. За случајот „Титаник” СЈО има предложено над илјада бомби, а на досегашните рочишта преслушани се нешто повеќе од 800 разговори.