Лозарите кои во домашните винарски визби предале винско грозје од сортите вранец и смедеревка ќе добијат по 1 денар дополнителна субвенција. Во тек е аплицирањето за оваа поддршка од државата и ќе трае до 25 декември годинава.
„На вас земјоделците потребно ви е да доставите потврда од предаденото грозје. Потврдата слободно можете да ја подигнете од секоја винарска визба каде што го имате предадено грозјето или пак регистриран откупен центар“ вели раководителот на подрачната единица на МЗШВ Кавадарци, Митко Керов.
Тој упати апел до визбите да им ги издадат што побрзо потребните потврди на лозарите, како би можеле да го испочитуваат рокот за аплицирање.
„Потврдите се достапни на страната на агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој или на веб страната ipardpa.gov.mk каде што го бираме полето директни плаќања 2018 и потоа полето обрасци. Самата потврда треба целосно и точно да е потполнета, бидејќи само како таква ќе се смета за точна при поднесувањето на вашето барање. Секоја непотполна потврда или потврда без штембил и печат ќе се смета за невалидна и не ќе може да се користи како доказ за поднесувањето на дополнителната мерка“ рече Керов.
Во подрачната единица очекуваат околу 5000 апликации по основ на оваа дополнителна стимулација од државата поради лошата година за лозарите.
Aнгел Данов


