Современ ургентен центар од денеска е во функција во кавадаречката болница – ММС
ММС

Објавено на: 11/5/18 2:09 PM

Современ ургентен центар од денеска е во функција во кавадаречката болница

Продолжува модернизацијата на болницата во Кавадарци, а со тоа и подигнувањето на стандардите за медицинска заштита.  Денеска, за прв пат по триесет години од постоењето на оваа установа се отворија ургентен центар и дневна болница.

„Ургентниот центар се состои од приемна амбуланта, во која планираме да се вршат прегледи и прифаќање на итни случаи и на пациенти кои ќе доаѓаат за време на дежурство, викенди и празници. Останатите редовни прегледи ќе се вршат во амбулантите преку мој термин“ рече директорот на болницата, д-р Диме Коцев.

Тој нагласува дека со отворањето на ургентниот центар пристапноста на пациентите до медицинскиот персонал е поблиска, а и побрзо ќе се врши и дијагностика. Исто така пациентите кои се хоспитализирани низ одделенијата ќе бидат порелаксирани, а ќе добијат и по адекватна помош од медицинскиот персонал на болничкото одделение.

„ургентниот центар ќе биде опремен со најсовремена опрема. Ќе има дефебрилатор, пациент монитор, сетови за интубација, екг и сите придружни апарати потребни за реанимација и интензивно лекување. Со тоа мислам дека ќе станеме еден од најдобрите центри во Македонија, а нашата болница ќе стане една од најсовремените во државата“ нагласи директорот.

Во дневната болница пациентите ќе можат да добиваат инфузиона терапија, а потоа лекарот ќе ја утврди потребата за понатамошно лекување.

Директорот на болницата најави дека наскоро болницата ќе добие апарат за компјутерска томографија, за што веќе се обезбедувале потребните просторни услови. Најави дека и понатаму се одвиваат активности за отворање на државен кома центар, кој ќе има капацитет за 12 пациенти.

Ангел Данов