Главни предизвици на еднородителството, особено на самохраните мајки е проблемот со родовата нееднаквост, вели Дороти Пачкова од „Една може“. Но секојдневно се соочуваат со најразлични предизвици од правна, социјална и здравствена природа, вели анализата спроведена од август до октомври 2018 година од граѓанската органзиација „Една може“. Бројот на самохраните мајки е за 80 отсто поголем од самохраните татковци во Македонија, а токму тоа организацијата го наведува како главниот проблем.
„Клучниот проблем го таргетираме во родовата нееднаквост. Бројот на самохраните мајки е за четири пати поголем од бројот на самохраните татковци на глобално ниво, во Македонија бројот на самохраните мајки е поголем од 80% од самохраните татковци, па низ оваа призма ја гледаме родовата димензија на самохраноста. Од анализите на „Една може“, но и од показателите на академската литература се наметнува заклучок дека главни предизвици на еднородителството, особено кај самохраните мајки е проблемот со родовата нееднаквост“, вели Пачкова од организацијата „Една може“.
Но за решавање на проблемите со кои се соочуваат самохраните мајки тие предлагаат решенија кои се однесуваат до најразлични системи кои може да понудат поддршка или решение.
„Неопходно е да се реши стамбеното прашање кое е еден од круцијалните проблеми на овие семејства, иако тоа никаде не е така формулирано жените самохрани мајки се потенцијални бездомнички. Велиме дека мора да се создаде систем, механизам за квалитетно вработување на самохраните мајки, затоа што според нашите податоци околу 65% од самохраните мајки се вработени, но најголем број од нив се вработени на позиции кои се ниско платени, кои се под нивните образовни капацитети и под нивните интелектуални способности, само поради фактот што тие се единствени хранителки на своите деца и немаат можност да бираат и пребираат и затоа се честа мета на злоупотреба од работодавците“, изјави Дороти Пачкова.
Главните активистички определби на „Една може“ ги содржи анализата, која ги идентификува главните проблеми и предизвици со кои се соочува една самохрана мајка а истата ќе биде презентирана денеска на тркалезна маса на тема „Еднакви права и можности за самохраните мајки“.


