Нови правила ќе го регулираат снабдувањето со топлинска енергија: Во нивната подготовка вклучени и граѓаните – ММС
ММС

Објавено на: 10/29/18 5:46 PM

Нови правила ќе го регулираат снабдувањето со топлинска енергија: Во нивната подготовка вклучени и граѓаните

Снабдувањето со топлинска енергија во Скопје од февруари следната година ќе го регулираат нови правила. Нив треба да ги изготви новоформираната работна група составена од претставници на Регулаторната комисија за енергетика, Здружението на исклучените од топлификација „Но пасаран“ и Балкан енерџи груп.

Претседателот на регулаторното тело, Марко Бислимовски најавува дека ќе се прават анализи, а ќе се земат предвид искуствата и од други земји за да се најде решение кое ќе биде задоволително за сите инволвирани страни:

„ Ќе направиме анализа какво влијание би имало врз цената што ја плаќаат приклучените на системот доколку дојде до промена на фиксниот надомест, но верувам дека ќе најдеме заедничко компромисно решение со цел ова прашање да го затвориме и решиме. Во предвид ќе ги земеме и искуствата од соседните и од развиените земји како се регулира таму прашањето со исклучените корисници и можноста или неможноста за исклучување од системот. Ќе вклучиме и експерти од областа на термодинамиката за да кажат дали се предава или не се предава топлина од вклучените на исклучените корисници и да донесеме правила во кои сите инволвирани страни би биле порелаксирани и позадоволни“.

Претставникот на Здружението Но пасаран, Марјан Ненов вели дека тие немаат никаква намера да ја зголемат цената на оние коишто користат парно греење:

„Напротив, се бориме и во нивно име, да ја намалиме цената, а тоа е да ги намалиме оние трошоци кои му биле признати на БЕГ и сега да се намалат“.

Исклучените од топлификација, веќе со години добиваат сметки за парно греење,  а својот револт досега го искажаа преку двесте протести во центарот на Скопје. Од Владата ветувата дека од годинава исклучените од парно ќе нема веќе да плаќаат за услугата што не ја добиваат, но засега нема гаранција дека тоа ветување ќе се оствари.