Македонските институции не го препознаваат злосторството врз жените кое се случува само поради тое што се жени. Ова злосторство познато како фемицид, македонската правна рамка не го дефинира како посебно кривично дело, па не е ниту инкорпорирано во Кривичниот закон – заклучува анализата која денеска ја презентираа Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство и УНДП.
Анализата покажала дека од 2008 до 2016 година во земјава биле убиени 70 жени, а осумдесетина проценти од нив се убиени од страна на интимни партнери, без разлика дали е сегашен или поранешен, дали живеат во брачна или вонбрачна заедница или биле само во врска, а немале заедничко живеалиште.

И министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска нагласува дека нашето законодавство не го регулира родово базираното насилство. Таа порачува и дека треба да се измени Кривичниот законик:
„Ова не е прашање на само една институција, ова е прашање за сите институции и за сите граѓани. Потребно е во заедничка соработка и комунијкација да го превенираме овој феномен. Важно е сите надлежни во наредниот период да работат на измена на Кривичниот законик и дефинирањето на фемицидот како посебно кривично дело. Во оваа насока е потребен и посебен Закон за родово базирано насилство“.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски изјави дека правната теорија многу скоро ќе мора, да се произнесе околу содветното кривично-правно третирање на фемицидот, особено од аспект на Истанбулската конвенција што беше ратификувана од страна на македонскиот парламент.
„Семејното насилство, особено од аспект на насилството мотивирано од родова омраза, односно родовата побуда како мотив, како проблем е многу повеќе од статистички бројки. Наша обврска е да изградиме општество кое ќе ја штити жената како столб на семејството. Што се однесува до феноменот на фемицид, што впрочем е и главна тема на овој денешен собир, односно презентацијата на истражувањето, т.е анализата за така мотивираните кривични дела во Република Македонија, сакам примарно да нагласам дека во нашата кривично-правна практика омразата како мотив има своја соодветна нормираност но, не во контекстот на терминолошката дистинкција што ја нуди поимот фемицид, кој тргнува од премисата за злосторство врз жената само заради тоа што е жена. Многу поважно е да креираме систем на превенција“, рече Спасовски.
Од невладиниот сектор денес забележаа дека жената е всушност најнебездна во нејзиниот дом, а повеќето од жените кои биле убиени во последните години, биле убиени со пиштоли, кои во најголемиот дел не биле легално поседувани.
„Загрижувачки податок е што поголемиот дел од убиствата се случиле во домот на жртвата, доколку живеела заедно со партнерот, со сторителот на убиството или доколку се водел процес на развод и не живееле заедно се случил во нејзиното ново живеалиште, во домот на родителите или во нејзиниот нов дом, доколку живеела сама. Жените се убиваат во нивните домови, каде треба да бидат најбезбедни и се убивааат од страна на лица, членови на нивното семејство, нивните партнери, кои треба да ги заштитат, тоа е многу загрижувачки податок, вели директорката на Мрежата, Елена Димушевска.


