Кумановската библиотека „Тане Георгиевски” во соработка со издавачката куќа „Просветно дело” од денеска организира мини саем што ќе трае до саботата.
Саемот се организира во рамки на активностите по повод Месецот на книгата што се одбележува од 15 октомври до 15 ноември. Читателите од Куманово можат да купат дела по промотивни саемски попусти од различни жанрови, енциклопедии и детска литература.
– Љубителите на пишаниот збор ќе имаат можност да си купат книги по промотивни цени со намалување до 70 проценти. Денеска организираме средби на ученици со двајца писатели Стојан Тарапуза и Христина Николовска, кои ќе одржат работилници во гимназијата „Гоце Делчев” и основното училиште „Кочо Рацин, изјави директорот на библиотеката Марјан Петковски.
Кумановската библиотека и претходно организираше мини саеми на книга со повеќе издавачки куќи од државата. Во месецот на книгата, библиотеката презема активности во насока на популаризација на читањето, преку работилници на писатели со ученици, промоции на книги и конкурси за учениците.
Околу 5.000 кумановци се редовни корисници и членови на библиотеката. Дневно на двата оддели за возрасни и деца минуваат околу 250 читатели.


