Се истражува неолитска населба кај селото Костурино – ММС
ММС

Објавено на: 10/24/18 11:19 AM

Се истражува неолитска населба кај селото Костурино

Неолитска населба од средниот неолит, стара над 7.500 години, се истражува во близина на селото Костурино, кај Струмица. Истражувањата почнаа на почетокот на овој месец и според археологот м-р Зоран Рујак од НУ „Завод и Музеј Струмица“, ќе траат до крајот на ноември.

Археолошките истражувања се вршат на локалитетот Орниче.  Таму пред пет години била лоцирана неолитска населба, односно биле пронајдени одредени фрагменти од керамика и други предмети, кои посочувале на постоење на таква можност.

Пред две години заедни со Нов бугарски универзитет се подготвил еден проект кој се однесувал на недеструктивни истражувања, односно тогаш биле пронајдени рабните подрачја на една голема населба со неколку објекти.

Археолошки истражувања 1

-Сега ги истражуваме овие објекти и тие се наша цел. Во моментот се работи на откривање на неолитски објект за живеење, кој се дефинира со сите негови движни и недвижни елементи, односно структури. За прв пат се работи на истражување на локалитет од средниот неолит во Југоисточна  Македонија, вели археологот м-р Зоран Рујак.

Додава дека се работи за голема населба, од која археолозите имаат големи очекувања.

-Го бараме преминот од комуникацијата на неолитот од реката Струмица и културата на Анзабегово Вршник, односно културата која постоела во неолитот во Македонија. Покрај тоа, имаме за цел и дефинирање на првиот објект за живеење од периодот на средниот неолит, заврши археологот м-р Зоран Рујак од НУ„Завод и Музеј Струмица“.

Камп за археолошки истражувања

Интересно е што истражувачкиот тим престојува во Орниче, односно имаат подигнато камп во непосредна близина на локалитет.

Годинашната кампања е поддржана од Министерството за култура.

Истражувањата се очекува да продолжат во 2020 година со обемни недеструктувни истражувања со помош на магнетометар, односно геомагнетни истражувања и врз основа на тие резулатите ќе се продолжи со натамошните систематски истражувања.

Извор:МИА