Институциите да ги поддржат компаниите кои сакаат да произведуваат органски производи – бара Стопанската комора на Македонија. Оттаму апелираат да се заштитат автохтоните сорти на земјоделието, зашто во спротивно би можеле да исчезнат.

Автохтоните, односно одомаќинетите сорти да се заштитат, сортираат и евидентираат во каталог, зашто во спротивно ќе исчезнат. Ова е ставот на Стопанската комора на Македонија, од каде денеска порачаа дека успешниот развој на македонското земјоделие бара јасно формулирани стратешки цели и методи во аграрната политика.
Васко Ристовски од Стопанската комора потенцира дека поддршката е клучен фактор кој влијае на иновативните процеси во земјоделието:
„Истите претставуваат истовремено и зачувување на националното обележје, па се’ до комерцијален развој и успех на компаниите. Промоцијата на домашните автохтони производи од макеоднски сорти ќе ги поттикне домашните потрошувачи да ги користат истите, а ќе се придонесе и за развој на компаниите кои ги произведуваат. Ваквите компании треба да се поддржат и од институциите“.
„Постои голем потенцијал да се произведува под нашето поднебје органско производство, а тоа е голема шанса за компаниите кои гледаат перспектива во ваков вид производство. Така тие ќе бидат поконкурентни во Европа со повисоки цени“, додава тој.
Драган Цветковиќ од Здружението на земјоделство и прехранбена индустрија вели дека на пазарите во земјава има продавачи кои берат на диво за разлика од компаниите и според него, надлежните органи тоа треба да го регулираат.
„Одредени култури, Законот многу добро ги регулира – како и на кој начин се берат, има и култури кои не смеат да се собираат. Имаме откупни центри, знаеме колку, што и каде може да откупиме. Дури и областите се поделени, според наши сознанија само Кожув и Козјак се еколошки средини во Македонија, така што не може каде било да се бере, а тоа да биде органско, природно и така натаму“, изјави Цветковиќ на денешната прес конференција.
Инаку во јуни годинава, беше најавено дека преку Инструментот за претпристапна помош на Европската унија ИПА 2019 , Македонија ќе добие 15 милиони евра, од кои 1, 5 милиони евра ќе бидат наменети за за модернизирање на ГЕМ-банката за автохтони сорти во земјава.


