ММС, 18.10.2018
Повеќе трибини, дебати на актуелни теми поврзани со проблемите во текстилната индустрија и вработените во неа, изложби, литературни читања и други настани ќе се случуваат утре и в сабота во рамките на втората „Текстилијада“ (или „Текстил-и-Јад-а“, со оглед на состојбите во оваа гранка). Организатор е здружението на граѓани „Гласен текстилец“ од Штип, а манифестацијата е поддржана од штипската локална самоуправа, интернациолниот центар „Улоф Палме“ од Шведска и од УСАИД.
– Мотото на втората „Текстилијада“ е „Преку културата и уметноста до социјален дијалог“, бидејќи во последно време многу се зборува за недостигот од млада работна сила во индустријата. Затоа оваа горлива тема ја третираме и на локално и на регионално, но и на национално ниво – рече на денешната прес-конференција Кристина Ампева, претседателка на „Гласен текстилец“.
Ова здружение веќе неколку години се бори за правата на работниците во текстилната и чевларската индустрија, при што, како што истакнува Ампева, некаде имало подобрување, а на многу места не.
– Во дел од конфекциите работите се подобрија, во дел останаа непроменеи. Се надевам на уште поголема соработка со работниците – повеќе да ни’ јавуваат за проблемите и да ни’ даваат информации, за да можеме да реагираме – истакнува Ампева.
За утре, петок, меѓу другото, напладне предвидени се дебати на повеќе теми, како за иднината на младите и на текстилните работници преку социјално претприемништво, можностите работодавачите да остваруваат доволен профит со целосно почитување на работничките права и како тоа да биде поддржано од страна на државата, локалните самоуправи и на невладиниот сектор. В сабота, пак, посебно интересни треба да бидат дебатите за иселувањето на младите од регионот, синдикалното организирање, работничките права, надлежностите на Трудовиот инспекторат, а тие ќе се одржат во вечерните часови во просториите на „Гласен текстилец“.
Најавено е учество на дебатите и на министри, градоначалници, работници, работодавци, трудов инспектор…