Во Галерија „Безистен“, Штип беше отворена изложба на портрети на сликарот Јован Балов и фотографот Тим Деусен, еминентни уметници кои живеат и творат во Берлин, Германија.
Посетителите беа трогнати од приказната која беше пренесена низ нивните дела работени во сега најактуелниот правец во уметноста низ Европа – метареализам односно метамодернизам.
„Билјана и Марко Цибер се фотографираните ликови кои првата сесија ја имаа во 2003 година како млад брачен пар. Втората е направена во 2016 кога парот дојде во моето ателје, но за жал Билјана беше болна од канцер, а само неколку дена по фотографирањето почина“ , вели Тим Деусен, уметник чии портрети беа изложени.
На дел од портретите кои беа изложени се претставени и бездомници фотографирани од 1993 година, кои како што вели промоторот на настанот Трајче Стојанов ја прикажуваат нашата грда страна и страна која човек не сака да ја види кога ќе се погледне во огледало.
„Делата се направени во правец на метареализам односно метамодернизам. Се работи за уметност која го црта реализмот, но проникнувајќи во есенцијата односно во сензибилитетот на човековото битие што ја враќа уметноста кон нејзините извори“ , кажа Доц. д-р Трајче Стојанов, од Факултет за Образовни науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.
Присутните восхитени од она што беше прикажано.
„Многу добра изложба, темите кои се опфатени се многу сериозни, изведени на вкусен начин и пренесуваат важна порака“ – беше коментарот на еден од посетителите.
Ангела Пингова