Ако патувате надвор од Македонија, на граничниот премин за влез во државата во која одите ќе треба да чекате на лента наменета за, условно кажано, државјани на трети земји.
Оние кои се државјани на земјата во која би сакале да влезете, најверојатно тоа ќе го сторат побргу од вас бидејќи за нив постои посебна брза лента. Во западните земји таа е наменета за државјаните на Европската унија, а постапката и методологијата на контрола се прилагодени токму на европските стандарди.
Но какви се домашните стандарди?
За време на мандатот на екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, Македонија исто така воведе посебна лента за своите граѓани, која сепак и не донесе некое особено олеснување за нив.
До редакцијата на ММС пристигнаа поплаки од возачи кои сметаат дека државата не покажува почит кон нив со тоа што на посебните ленти службениците пропуштаат и странски државјани, што доведува до тоа овие ленти да не функционираат според намената за која беа воведени. Во изминатите години во повеќе наврати пак, овие ленти воопшто не ни функционираа и не беа отворени.
Оттука, го прашавме Министерството за внатрешни работи каква е сега ситуација и дали се отворени посебните брзи ленти за македонските државјани? Од МВР во кус одговор ни посочија дека таму каде што има можност да се користат, овие ленти се користат максимално.
Во недостиг на официјални информации од најповиканата институција за тоа каква е ситуацијата со лентите, дали и колку од нив се во функција, го прашавме професорот Трпе Стојановски зошто е важно на граничните премини на државата да постои посебна лента наменета за нејзините државјани.
Според Стојановски кој важи за познавач на овие прашања, постоењето на ваква лента овозможува поголем ред и подобра контрола на границите. Сепак, државата треба да изнајде механизми за да се почитуваат поставените правила.
-Државата е таа која го има суверинитетот над својата територија и таа ги определува правилата, ги регулира правилата по кои ќе се врши контролата на преминување преку државната граница. Секако дека тука постојат и меѓународни инструменти кои треба да се почитуваат. Домашната регулатива не треба да се судира со нив, меѓутоа сведоци сме дека ваков вид на условно кажано „посебни или специјални ленти“ постојат секаде. Ако патуваме во земјите од ЕУ ќе се соочиме со лента којашто е „брза лента“ и којашто е наменета за државјаните на ЕУ и каде што ние како државјани на Македонија не можеме да се движиме. Но постои посебна лента којашто најчесто создава поголем ред или поголем број луѓе кои треба да поминат на таа контрола којашто и временски е подетална. Тоа се правилата, што кога сме надвор, ги почитуваме – вели за ММС, професорот Стојановски и додава:
„Што се однесува до тоа како е кај нас, и тука постојат вакви ленти и тоа е сосема во ред со оглед на тоа дека државата треба да си ги регулира состојбите и особено кога ќе има наплив на патници, ако е тоа граничен премин кога пристигнува авион со патници коишто подлежат на гранична проверка, постои еден вид сортирање според националноста и за тоа дали се почитуваат или не се почитуваат овие ленти, одговорноста е на државните институции. Пред сѐ на граничната полиција која треба да постапува по законот“, додава нашиот соговорник.
Со ефикасни институционални механизми до подобра имплементација на законот
Сепак како што посочува тој, она што доведува до метеж и хаос на граничните премини е и нетрпението на возачите кои преминуваат преку ред, а тоа дополнително ги иритира останатите обесправени возачи кои сведочат на непочитување кое поминува неказнето.
„Би сакал и да поттикнам на едно друго прашање кое создава непријатности. Особено во време на туристичка сезона кога се создаваат колони на граничен премин и тие колони се долги по неколку километри. Најчесто возила со македонски регистерски таблички се тие коишто не го почитуваат редот и го заобиколуваат. Постојат и примери за кои сум била сведок, каде што граничната полиција или другите служби коишто се наоѓаат на граничниот премин (царински службеници па дури и на воени лица кои периодично извршуваат некоја функција на граничниот премин) се тие коишто ги стимулираат овие непочитувања на редот на граничниот премин“, нагласува Стојановски.
Тој потенцира дека државните институции треба да имаат ефикасни и ажурни контролни механизми, да ги проценуваат можните непочитувања да законот и да спречат вакви непочитувања на колоните, а од друга страна да преземат мерки кога тие стануваат масовни.
„Ова е непријатно кога најчесто странски возила уредно чекаат. Најчесто тоа се семејства, кои внимателно чекаат, но некои македонски возила кои не се во мал број ги заобиколуваат овие колони со цел побрзо да поминат и тоа им успева, а тоа е многу непријатно“, смета Стојановски.
Со вперување на прстот за хаосот на граничните премини, како во службениците, така и во возачите, го прашавме Стојановски каква порака испраќа државата кон јавноста со допуштањето на немање одговорност?
„Законот е поставен да ги уредува состојбите и утврдува некоја, би рекол, разумна состојба. Меѓутоа институциите се тие кои треба да му дадат сила на тоа законско решение, на таа норма и таа со интеритет да се спроведува. Ако постојат прекршувања кои не се спречуваат, не се казнуваат, тогаш тоа дефинитивно е лоша порака којашто ја имаме. Станува збор за почитување на правото и за некои минорни прекршувања. Ако застанете во колона чекајќи го својот ред за да ја поминете државната граница и сте сведоци кога некој преку ред влегува, го зема вашето право на приоритет тогаш се чувствувате непријатно, се создава чувство дека не сме сите исти пред законот. Кога сакаме да го почитуваме законот, треба да го почитуваме сите“, апелира тој додавајќи дека пред сѐ граничната полиција и сообраќајната полиција се тие кои треба да внимаваат на овие состојби и да не дозволат кршење на законот.
Медиумите претходно, повикувајќи се на реакции од граѓани, пренесоа дека на граничните премини нема доволно службеници и тоа е причината за бавното одвивање на проверката.
Сепак, од МВР за ММС велат дека во моментот на сите премини има доволен број на полициски службеници. Доколку пак, доколку има зголемен сообраќај, а се искористени сите технички и човечки капацитети, тогаш се ангажираат дополнителни сили за вонредно ангажирање со цел непрекинато да продолжи движењето на патниците и возилата на граничните премини.
На нашето прашање, зошто се дозволува некои возила да поминуваат преку ред, од Министерството објаснуваат дека тоа е дозволено во одредени ситуации кога има возила кои се претходно најавени како: претходници на делегации, возила на гранични работници кои не подлегнуваат на гранична контрола (регулирано со Закон), возила од други служби на МВР кои треба да преземаат мерки и активности на самиот граничен премин и друго.
Меѓутоа искуството го говори и спротивното, а тоа преку личен пример го потврдува и професорот Стојановски. Тој посведочил на ситуација кога одел на одмор за Грција, а одредени возила биле пропуштени преку ред, иако не станувало збор за ниту една од ситуациите кога тоа е оправдано и дозволено, како претходно посочените од МВР.
-Јас летово кога патував за Грција преку Дојран на 31-ви јули во 09 часот утрото, кога застанав во колоната имаше стотина возила пред мене од кои најголем дел со српски регистрации. Околу еден час траеше чекањето и во тој период десетина македонски возила влегуваа преку ред директно одеа на граничниот премин и си ја завршуваа работата. Кога дојдов на граничниот премин и кога се заврши контролата со мене му пристапив на полицискиот службеник и му кажав дека јас сум поранешен службеник во полиција, па побарав да се видам со командирот иритиран бидејќи некој од овие десетина возила коишто ме поминаа си ја завршија работата и поминаа напред. Одговорот на раководителот на смена беше дека е гужва и ми рече „ако и ти дојдеше преку ред, и тебе ќе те пуштевме“ – раскажува Стојановски.
Тој му одговорил на полицискиот службеник дека поентата не е и тој да помине преку ред, на што полицаецот одговорил „што се буниш, тука никој не поминува преку ред, а ако некој поминал преку ред тогаш тоа е дипломатско возило“.
Стојановски не застанал тука со аргументите и му покажал фотографија од возило кое не било дипломатско, а било пуштено преку ред.
„Имаше и службеник од меѓународните полииски служби, но овие работи не го засегаа. Имаше и уште еден службеник во цивилна опрема, кој дојде и цинично ми рече да не се нервирам, сѐ ќе помине. Тоа не ме задоволи мене и јас неколку од тие фотографии ги пратив на колеги на раководни позиции во МВР во делот на гранична полиција да им кажам дека тоа не е убаво. Одговорот беше „се согласуваме со тебе, не оддава убав впечаток“, но на тоа заврши приказната. Значи тој приоритет на ленти ако се поставува, ако тоа е прописно решение, државата треба да си најде инструменти тоа да се почитува. Се согласувам дека најчесто сепак тоа не се почитува“, додава професорот.
Имаат ли граѓаните механизам да пријават непочитување на законот од оние кои треба да се грижат за неговото спроведување?
Наспроти ноншалантноста на која тој посведочил, од МВР за ММС велат дека доколку се забележи појава на непочитување на редот во колоната, или пак, пропуштање на странски државјани во лентата за македонските, секое лице може тоа да го пријави на соодветен начин.
„Може да се поднесе пријава или претставка во самата полициска станица односно на граничниот премин или до Оддел за внатрешна контрола криминалистички истраги и професионални стандарди“, истакнуваат од Министерството.
Бидејќи е извесно дека овие пријави не секогаш ја вршат целта, професорот Стојановски прави споредба на непочитувањето на овие правила со корупцијата.
-Дефиницијата за корупција кај Американците на пример, е секое „изабувње“ на рабовите на законот, на прописот. Ако постои норма која е едноставна и треба да се почитува, а тој кој треба да ја спроведува се обидува да ја „измазни“, тоа е облик на корупција. Тоа е односот кон правото, кон законот, кон етиката, кон подготвеноста на поединците во државата да се спротивстават кога се крши некое нивно право. Тоа е прекршување на редот или условно кажано „мала девијација“, но таа може да биде почеток на спирала која ќе не доведе до голема или длабока девијација или сериозен проблем. Тоа може да иритира, да дојде до физичко нетрпение, па дури и до агресивно однесување, заклучува Стојановски.
Вања Мицевска