На полицијата во Охрид и’ требало повеќе од една година за да го заврши делото за Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, кој во октомври 2021 година бил фатен со 0,3 грама на кокаин. Предметот во октомври 2022 година стигнал во Основното јавно обвинителство на Охрид и е во фаза на разгледување.
Инцидентот со Пендиков го крена вниманието на јавноста, а со тоа и прашањата за статусот на овој предмет.
-Основното јавно обвинителство Охрид изврши увид во предметот по поднесената кривична пријава против лицето кое го наведувате. Станува збор за кривична пријава од СВР Охрид, поднесена до ОЈО Охрид на 09.12.2022 година за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 2 од Кривичниот законик. Пријавата се однесува на настан случен на 20.10.2021 година кога при личен претрес кај пријавениот било констатирано неовластено поседување наркотична дрога од помали количини – 0,3 грама кокаин. Со оглед на тежината на кривичното дело и другите факти во предметот, надлежниот јавен обвинител оцени дека во конкретниот случај не се исполнети законските основи за да побара мерки за обезбедување на осомничениот. По пријавата се постапува и се испитуваат околностите, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука, соопшти ЈОРМ.
Сепак, Обвинителството не било консултирано околу транспортот на Пендиков во Бугарија.
-Во однос на транспортот на наведеното лице, од јавното обвинителство не беше побарана согласност за негово префрлање во Република Бугарија. Оштетениот до сега два пати даде свој исказ во постапката и е достапен на органите на прогонот. Освен тоа, тој има правен интерес да учествува во постапката. Јавното обвинителство нема ниту една законска основа да задржува оштетено лице, стои во објаснувањето од ЈОРМ.