Во земјава регистриран првиот случај на зараза со новиот сој „кракен“ – ММС
ММС

Објавено на: 01/22/23 10:25 AM

Во земјава регистриран првиот случај на зараза со новиот сој „кракен“

Институт за Јавно Здравје (ИЈЗ) утрово соопшти дека кај еден пациент е детектиран новиот подсој на омикрон познат како „кракен“.

-Кај еден примерок, од вкупно 32, е детектирана XBB.1.5 омикрон сублинијата позната како Кракен. Пациентот кај кој е детектирана новата сублинија е од Гевгелија, a примерокот е земен на 11.01.2023 година, соопшти ИЗЈ.

ИЗЈ додава дека 32 примерока се позитивни на SARS-CoV-2, а селектираните примероци биле од месеците декември 2022 година и јануари 2023 година.

-Кај 8 примероци е детектирана BA.2 сублинијата на Омикрон сојот. Кај останатите 23 SARS-CoV-2 примероци е детектирана ВА.5 сублинијата на Омикрон, додава Институтот.

Претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски во врска со сојот кракен, во четвртокот изјави дека сите податоци што досега ги имаат укажуваат дека повторно се работи за една варијанта која предизвикува благи симптоми и не се очекува неговото ширење драстично да го оптовари здравствениот систем.

Тој тврди дека нема простор за загриженост помеѓу граѓаните.

Според д-р Петличковски, епидемиолошката состојба во земјата е стабилна, а сезоната на инфлуенца започна пред две недели и би требало да трае седум – осум недели.