Геј парадата во Штип е измислица на советникот Тонев за дискредитација на нашиот советник – реакција од Левица – ММС
ММС

Објавено на: 01/18/23 2:48 PM

Геј парадата во Штип е измислица на советникот Тонев за дискредитација на нашиот советник – реакција од Левица

Има ли градоначалникот добиено барање за организирање на прва геј парада во Штип – праша на крајот од денешната седница на Советот на Општината Штип, советникот од Подем, Јорданчо Тонев. При тоа, кажа дека барањето е од советникот на Левица и професор на Музичката академија во Штип.

Ова беше советничко прашање до градоначалникот, кој негираше дека добил такво барање.

Го прашавме советникот на партијата Левица, Ангеле Михајловски, кој рече дека се работи за чиста измислица на Тонев, обид за дискредитација поради неговиот изречен став на Комисијата за култура, каде Тонев е претседател. Во име на својот советник, Левица достави соопштение:

-Немајќи начин како да се скрие зад фактот (личната брука) дека гласаше против барањето за поддршка на сите членови на Дувачкиот оркестар во Штип, кои се академски музичари, советникот од Подем, Јорданчо Тонев, сака со лаги да ја дискретира Левица и советникот од Левица.

Единствено советникот од Левица неодамна го разобличи претседателот на Комисијата за култура Тонев, кој освен што дава ,,амин” на терен за асфалтирање, не дава поддршка за академските културно-уметнички вредности со кои се гордее Штип. Советникот од Левица останува во одбрана на квалитетната музичка и уметничка фела.

Од страна на советникот од Левица, не е поднесена ваква Иницијатива, измислена од Јорданчо Тонев, кој преку теми кои тангираат одредени заедници и целни групи, сака да направи обид за дискредитација на советникот Ангеле Михајловски, соопшти Левица.

(В.К.)