Се враќаме дома – Македонските ракометари со три порази завршија на последното место во Ф-групата – ММС
ММС

Објавено на: 01/17/23 7:38 PM

Се враќаме дома – Македонските ракометари со три порази завршија на последното место во Ф-групата

Македонската ракометна репрезентација без ниту еден освоен бод го заврши учеството во Ф-групата на Светското првенство 2023. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров вечерва во Краков загубија од Аргентина со 26:35.

Ова беше натпревар кој директно одлучуваше која ќе биде третата репрезентација од Ф-групата која ќе продолжи во Главната групна фаза.

И покрај најавите дека „црвено-жолтите“ по двата убедливи пораза имаат сили за позитивен резултат, на теренот ништо поразлично од средбите со Норвешка и Холандија, а и резултатот на полувреме беше идентичен 11:18.
Аргентина во второто полувреме без проблем ја одржуваше високата предност и го приведе резултатот кон сигурна победа.

Филип Талески со пет, Жарко Пешевски и Филип Кузмановски со по четири погодоци беа најефикасни во македонскиот тим, Диего Симонет со осум гола се истакна кај победниците.

Во дербито на групата вечерва од 20:30 часот се среќаваат Норвешка и Холандија, двете селекции кои заедно со Аргентина одат во Главната групна фаза.

Нашата репрезентација ќе разигрува за пласман од 25 – 32. место во т.н. Президент куп.

МИА