Македонија загуби од Холандија, втор пораз за ракометната репрезентација на СП – ММС
ММС

Објавено на: 01/15/23 8:45 PM

Македонија загуби од Холандија, втор пораз за ракометната репрезентација на СП

Македонската ракометна репрезентација го претрпе вториот пораз на Светското првенство во Полска и Шведска. Вечерва во Краков, избраниците на селекторот Кирил Лазаров загуби од Холандија со убедливи 34:24.

„Црвено-жолтите“ ги повторија грешките од првото коло направени на мечот со Норвешка и му дозволија на противникот во неколку наврати лесни голови и серии од по четири и пет погодоци.

 

По нашето почетно водство со 3:2, Холанѓаните ја преземаа контролата на резултатот и постојано ја зголемуваа предноста за на полувреме да заминат со 18:11.

На петнаесетина минути пред крајот Македонија се доближи на минус четири, но следуваше исклучување на Филип Талески и повторно серија голови за „лалињата“ кои до крајот без проблеми стигнаа до убедлив триумф.

Најефикасен во холандската селекција и на натпреварот беше Смитс со 10 голови, во поразениот тим по четири погодоци постигнаа Филип Кузмановски и Жарко Пешевски.

Македонците шанса за пласман во Главната групна фаза ќе бараат во вторник на дуелот со Аргентина.

Второто коло до Ф-групата ќе се комплетира вечерва со натпреварот Норвешка – Аргентина.

МИА