Загадениот воздух ја оштетува кожата, ПМ честичките предизвикуваат оксидативен стрес: Препораки од д-р Виктор Симеоновски за заштита на нашиот најголем орган – ММС
ММС

Објавено на: 01/13/23 8:45 AM

Загадениот воздух ја оштетува кожата, ПМ честичките предизвикуваат оксидативен стрес: Препораки од д-р Виктор Симеоновски за заштита на нашиот најголем орган

Кожата е најголемиот човеков орган и таа е нашата прва заштита од стресните фактори во животната средина, а кога сме изложени на алармантно загадување на воздухот може да се случат низа несакани ефекти.

Овој период од годината во кој воздухот континуирано е загаден, во меѓувреме сам по себе влијае врз кожата правејќи ја сува и дехидрирана, поради што негата е особено важна.

Како аерозагадувањето влијае на кожата и кои точно честички се одговорни за нејзиното оштетување се двете прашања кои се најдоа во фокусот на истражувањето кое Клиниката за дерматологија во Скопје го прави заеднички со лабораторијата AMBICON од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а под менторство на проф. Дамевска и проф. Мираковски.

Додека се чекаат заклучоците од истражувањето, за негата на кожата ММС разговараше со д-р Виктор Симеоновски од Клиниката за дерматологија.

Какво е влијанието на екстремно загадениот воздух врз кожата, со оглед дека таа е нашиот најголем орган? Дали може да биде директен причинител на рак на кожа или во најмала рака „тригер” за да се случи малигнитет кај одредени луѓе?

-Кожата, освен што е нашиот најголем орган, таа е и наша комуникација со надворешната средина, односно наша бариера од надворешните влијанија од атмосферата. Секое нарушување кое го гледаме надвор директно или индиректно влијае и врз нашата кожа, а со тоа и на нашето целокупно здравје. Екстремно загадениот воздух кој го дишеме овие денови, и те како влијае и врз здравјето на нашата кожа. ПМ честичките, особено ПМ 2.5 честичките (кои се примарниот и најголем загадувач овие денови) можат да навлезат низ слоевите на кожата, да ја нарушат нејзината бариерна функција и да предизвикаат директно и индиректно оштетување на истата. Тие покренуваат ланец на воспалителни и оксидативни процеси на оштетување, кои предизвикуваат индуцирање или агравирање на воспаление и предизвикување на оксидативен стрес – процеси кои се одговорни за предвременото стареење на кожата, комедогенеза (формирање на црнки и белки), влошување на веќе постоечките дерматози и канцер на кожата.

Кои се ризичните граѓани кај кои кожата би можела да претрпи последици поради загадениот воздух?

-За жал, бидејќи загадениот воздух е убиквитарен во нашата средина, сите сме изложени на неговите токсични ефекти. Иако можеби овие влијанија не се веднаш воочливи кај сите, лошиот воздух е одговорен за лошиот „квалитет” на кожата. Сепак, оние луѓе кои страдаат од хронични инфламаторни дерматози, особено од дерматолошки состојби на лицето (како најизложен дел на надворешните влијанија), можат и веднаш да ги почувствуваат негативните ефекти од загадениот воздух, во смисла на влошување на веќе постоечките атописки дерматитис, акни, екцеми, контактни дерматити, почести рецидиви на основните болести и појава на нови лезии на претходно интактна кожа.

Како да ја негуваме и хидрираме кожата во текот на зимските денови? Дали тука игра улога и начинот на кој се храниме?

-Негата и доброто хидрирање на кожата треба да е наш императив за добро здравје преку целата година. Со оглед на тоа што воздухот во зимските месеци е посув, нашата дневна рутина треба задолжително да содржи квалитетна хидратантна крема, која би ја нанесувале и повеќе пати во текот на денот, а голем бенефит можеме да добиеме и со навлажнување преку користење на термална вода со распрскувач.

Иако здравјето на нашата кожа не можеме единствено да го препишеме на начинот на кој се исхрануваме, сепак храната е онаа преку која ги внесуваме сите потребни нутритиенти и минерали кои се потребни за здравиот изглед на нашата кожа, па така со една здрава балансирана исхрана би требало да внимаваме да внесуваме доволно цинк, селен, железо и протеини, за да го зачуваме здравиот изглед на нашата кожа.

Според Вас, треба ли и во текот на зимските месеци да користиме крема за заштита од сонце на лицето, дали можеби ова особено се препорачува кога одиме на планина?

-Се разбира! Клучот за здрава кожа е нанесувањето на креми со заштитен фактор од сонце преку целата година и на сите временски услови! Сонцето, односно УВ зрачењето е еден од најголемите  „непријатели” на кожата, а во овие месеци особено е штетно бидејќи иако е со низок УВ индекс, тоа сепак има синергистичко дејство со аерозагадувањето и може да предизвика исто толкаво оштетување како и во летните месеци кога овој индекс е највисок.

Дали и какви промени кај кожата на лицето може да предизвикаат маските што ги носиме поради загадениот воздух, со оглед на тоа дека одредени луѓе имаа проблем со акни при носењето на маските во пиковите на ковид?

-Маските иако нѐ штитат од загадениот воздух и од вирусните честички,  сепак претставуваат и своевиден проблем за луѓето со чувствителна кожа на лицето. Во екот на пандемијата се појави нов термин во дерматовенерологијата- маскне (mask & acne), што претставува појава на акнеични промени од долготрајно носење на заштитна маска. За да се заштитиме, се препорачува често менување на маската со нова чиста маска, употреба на памучни маски како и соодветно третирање на веќе постоечките промени. Доколку луѓето имаат одредени прашања или дилеми во врска со темата поврзана со здравјето на кожата, тимот на Клиниката за дерматологија стои на располагање за да се обратат за помош и заеднички да дојдеме до решение.

Вања Мицевска

Маските ја иритираат кожата, а промените зависат од нејзиниот тип: Со д-р Силвија Дума за правилната нега на лицето

Фото: Приватна архива / Илустрација