Убиството на десетиците кучиња во Струга ги мобилизираше активистите од цела држава.
Тие утре пред Владата преку протест ќе побараат заштита на бездомните животни. Протестот, кој е со почеток во 16 часот, го организира невладината Happy shelter, од каде алармираа дека насилството врз животните не престанува, тука само станува сѐ покрволочно.
-Дојдете заедно со нас, да покажеме дека уште има луѓе во нашава држава и да се обидеме да ги разбудиме заспаните државни институции – се вели во повикот од невладината Happy shelter на социјалните мрежи.
Револтот на активистите доаѓа по неодамнешниот случај во Струга, каде маж со пушка уби десетици маалски и домашни миленици. Низа невладини упатија и отворено писмо до министерот за внатрешни работи, Спасовски барајќи да направи итен увид во постапката по овој случај.
ММС разговараше со повеќе активисти, чија заедничка порака е да престане убивањето и на животните и на луѓето.
Кемал Незири од невладината организација Happy shelter, кој е организатор на протестот вели дека ситуацијата е многу сериозна и дека конечно треба да се разбудат заспаните институции.
-Ние имаме барања кои ќе ги соопштиме утре на протестот, а дел од нив е и барањето да престане да се убиваат не само животните, туку и луѓето. Односно државата да најде решение да нема убивање. Јас како индивидуалец ако сум помогнал на 300 животни за две години, зошто државата да не може. Јас спасувам улични животни сам со мои средства и сум направил шелтер за спасување. Како голем љубител на животните досега имам дадено еден куп предлози за решавање на оваа состојба во Скопје. Ама никогаш до сега не сум добил одговор и сигурен сум дека општинарите не ги ни имаат прочитано. Дадов предлози и кога беше градоначалник Шилегов и сега на Аросвска. Верувајте ми, сигурен сум дека не ги ни имаат видено, ниту пак, ги интересира – вели Незири.
Според него целта е протестот да биде помасовен, оти овој проблем е дојден до точка на вриење и затоа сакаат да повикаат – стоп на убивање и малтретирање и животни и луѓе.
-Со секое едно пукање на животни, куршумот може да заврши на луѓе. Секој куршум ако не убие животно може да убие човек. Е тогаш што правиме? А секое убиство е казниво со закон и таму имаат одгворност сите, од првиот до последниот. Се надевам дека ќе се разбуди опшеството. Јас 40 години спасувам животни од улица, ама проблемот единка не може да го реши. А знам дека ако се сака може да се реши, ама очигледно дека не се сака. Ако го решиме случајот со животните, автоматски се решава и проблемот со луѓето. Животните не се агресивни, ние луѓето ги правиме такви. Погледнете ги само коментарите на возрасните на социјалните мрежи, а тоа значи дека таа омраза од возрасните се пренесува на децата, и тие така растат. Ова нема крај ако под итно не се преземе нешто, вели Незири.
Тој посочува дека проблемот не е само Струга, туку не треба да се заборави и претходниот од Тетово, каде исто така повикал на протест, но за жал, немало интерес.
-Јас имам план за две години да се реши тоа. Секоја општина да одвои пари, а пари има, за грижа на бездомните животни, Доколку тие пари се наменети правилно никогаш немаме да имаме проблем со животните на улица. Но, општините тие пари си ги пренаменуваат за други работи, а не за таа за која се наменети. За жал не функционираат ниту општините, ниту државата. Па јас прво имам одговорност кон Господ, после кон животните и луѓето. Зошто кога одиш во друга држава да ти е мерак, а тука да ти се згади. Како може таму никој никого да не напаѓа. Кучето ако е нахрането може само да игра, не да напаѓа. Затоа сакам да ги заштитам животните и да повикам сите заедно да го решиме проблемот. Се надевам дека утре свеста ќе проработи и дека еднаш засекогаш ќе почнеме да ги решаваме работите. За ова секој од нас сноси одговорност и за себе и за животните кои чекаат на нас, тие сами нема да си помогнат, ние сме тие што треба да се заштитиме и себе си и животните. Затоа нашето мото е – стоп за убивање и малтретирање како на животни така и на луѓе. Зошто некој да излезе на работа и да се плаши да не го погоди залутан куршум. Разочаран сум од луѓето, само се гледа сеир. Затоа треба да се казнува. Не треба невакцинирани и некастрирани животни уште од мали да завршат на улица. Имаме несовесни граѓани и заспани институции. Па ајде конечно да почнеме сите заедно да го решаваме тој проблем, додава Незири.
Активистката, Магдалена Чапаровска која ќе биде дел од оние кои ќе протестираат, вели дека МВР и Агенцијата за храна и ветеринарство се најповикани од сите институции да се ангажираат за да се обелодени сѐ.
„Досега никој не излезе со каква било осуда за да го осуди чинот. Приведен е еден човек, а на фотографијата од местото на настанот јасно се гледа дека се двајца“, вели за ММС Чапаровска која е дел од иницијативата Happy tails, но и од управниот одбор на претпријатието „Лајка“.
Надлежните институции итно да постапат – главно барање кое ќе биде испорачано на претстојниот протест
Присуство на протестот најавија и активистите од градовите од внатрешноста кои доаѓаат пред Влада за да побараат итно и неодложно постапување од страна на надлежните институции.
„Сметаме дека сѐ додека насилството и самоволието во државата поминува неказнето и на штета на најранливите, дотолку повеќе ќе се охрабрува истото. Фактот дека во Македонија, земја кандидат за членство во ЕУ, во 2023 година, вооружени лица можат слободно да шетаат и да пукаат во населено место и притоа Министерството за внатрешни работи да не преземе ништо е крајно загрижувачки и зборува за тоа дека овде ниту човечкиот живот ниту животот на животните има каква било вредност“, велат за ММС од здружението Спаси живот – Штип.
Чапаровска пак, која долги години ја следи состојбата со бездомните животни во земјава вели кај активистите постои едногласност дека основниот проблем е во тоа што секој може да купи или вдоми миленик и како сака да го третира понатаму, да го размножува и да го пушти да шета на улица. Таа смета дека имаме добра законска регулатива, но не и нејзина имплементација.
„Законите треба да почне некој да ги спроведува на дело, а да не се само на хартија, можеби ќе треба да се надополни и измени нешто, но мора да се работи и на едукација. Без разлика колку шелтер центри имаме, повеќе од три илјади кучиња се вдомуваат во странство од Македонија. Во странство има многу поголема свест за поодговорно сопствеништво, а кучињата од овде најчесто ги вдомуваме во Англија и Германија. И без разлика на тоа, имаме нови и нови исфрлени легла“, додава таа.
Со законски измени и построги казни до чекор напред – сметаат активистите
На сличен проблем алудираат и активистките Кристина Ќосевска и Милка Докузова од Штип, кои порачуваат дека се потребни итни законски измени во Законот за заштита и благосостојба на животните со кои ќе се забрани слободното размножување на домашни миленици.
„Оние кои сакаат да ги размножуваат своите миленици, ќе мора да регистрираат одгледувачница и да плаќаат данок кон државата. Останатите ќе имаат законска обврска да ги стерилизираат, а доколку не го сторат тоа, да бидат парично казнети. Но, oвие измени мора да бидат проследени и со редовна контрола и казни од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, која во изминатите години сериозно потфрла во работењето на оваа проблематика, па затоа и се соочуваме со проблем од вакви размери“, потенцираат нашите соговорнички.
Според нив, на социјалните мрежи често има објави во кои се бараат партнери за парење, се продаваат расни кучиња по цена од 50 евра, а не се ниту вакцинирани, ниту чипирани.
„Во изминатите неколку месеци само во Општина Штип беа затекнати 6 напуштени лабрадори. Ниту еден не беше чипиран, ниту стерилизиран. Следствено, ниту може да се казни неодговорниот сопственик (бидејќи немаме податоци за истиот) кој го оставил својот на миленик на милост и немилост, да се размножува на улица, затоа што најверојатно го купил од некој преку Фејсбук, кој никогаш не го пријавил леглото на своето куче. Исфрлањето на кучиња по патишта, контејнери и други фреквентни локации е доста честа појава и впрочем изворот на бездомни животни“, предупредуваат тие.
На важноста од казнена политика укажува и Чапаровска која истакнува дека АХВ треба да се отвори за соработка со активистите, со „Лајка“ и шелтер центрите, но прво да има казни како што треба.
„Прво треба да се чипира миленикот и сите ќе имаме евиденција колку миленици имаме на територија на Македонија, очекуваме оние што ќе им се затекне миленикот на туѓа површина па и нестерилизиран, да се казнат. Не може тоа да се случи преку ноќ, но ако се случи на 50 луѓе, тогаш посериозно ќе размислуваат. Без ралзика што континуирано се вдомуваат животни, ние имаме повеќе, а не помалку. Не можеме да одиме против природата, животното се размножува, работите мора да ги ставиме под контрола. Не може кучињата сами да се стерилизираат или да бидат свесни да не се размножуваат, не се тие виновни што се на улица“, заклучува Чапаровска.
Штипските активистки апелираат дека Законот за заштита и благосостојба на животните мора итно да се промени во насока на зајакнување на одговорното сопствеништво, идентификација на милениците, но и зголемување на казните.
„Агенцијата за храна и ветеринарство е таа која ги спроведува законите кои се однесуваат на благосостојбата, здравствената заштита и идентификацијата на домашните миленици. Собранието е тоа што ги гласа законите, но предлагач е Агенцијата. Законот за заштита и благосостојба на животните мора итно да се промени. Не може напуштање на миленик да биде санкционирано со едукација. Што, ќе му го вратите кучето на сопственикот кој одбива да го чува и ќе го едуцирате дека мора да го чува? Па следен пат ќе го фрли надвор од населено место. И дури да го најдете повторно, казната е само 15 евра“, велат Ќосевска и Докузова кои додаваат дека казните кои ги пропишува актуелниот закон се мали и смешни, а со тоа и недоволни доволни да ги обесхрабрат неодговорните граѓани од исфрлање на своите миленици откако ќе им се досадат.
– Е сега, ова е идеално сценарио согласно моменталната законска пракса и под услов Агенцијата за храна и ветеринарство да постапи, што најчесто не е случај. Значи дури ни идеалното сценарио не придонесува кон намалување на бројот на бездомни животни! Казните мора да бидат поголеми, а Агенцијата за храна и ветеринарство мора да почне да ги спроведува законите, наместо да ги заобиколува, по линија на помал отпор – децидни се тие.
Состојбата со бездомните животни беше причина активистите повеќе пати да протестираат изминатите години, порачувајќи дека „убиството не е природна селекција“, но и покрај кренатиот глас, јавноста е сведок на грозоморни настани токму како „најсвежиот“ од Струга. Активистите со кои разговаравме велат дека промените овде доаѓаат споро и тешко, но и оние промени на кои може денес да посведочиме, се благодарение на нивната долгогодишна и макотрпна работа.
Додека Ќосевска и Докузова уште еднаш потсетуваат дека очекуваат неселективна правда и итно наоѓање и покренување на соодветен поднесок кон сторителите на кривични дела, Чапаровска вели дека програмата за хуман третман на животните „Залови, стерилизирај, врати“, треба освен во Скопје да се применува и во градовите од внатрешноста, во случај кога нема шанса или интерес за нивно вдомување и тие мора да бидат вратени на улица. Во меѓувреме, полицијата за убиството на кучињата во Струга го осомничи М.З. (62) од струшкото село Ливада. Според СВР Охрид, тој се сомничи дека во рок од половина час завчера со ловечка пушка сачмарка усмртил седум кучиња скитници.
Иако многумина го осудија настанот во Струга, дел од граѓаните на социјалните мрежи реагираа за глутниците кучиња во нивните градови оспорувајќи го најавениот протест. Познавачите на состојбите сепак, апелираа дека уличните кучиња се во сопственост на општините и дека физички е невозможно здруженијата да ги вдомат сите улични кучиња,односно потребно е проблемот да се реши од корен преку системско решение.
Вања Мицевска