Нова реакција од здружението Анима мунди, кое вчера алармираше дека маж во Струга со пушка убил десетици кучиња.
Активистите за заштита на животните денеска испратија и отворено писмо до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски тврдејќи овластените службени лица од СВР Струга не постапиле професионално во однос на убиството на кучињата во овој град.
-Утрото на 10.1.2023 година, граѓани на Општина Струга биле сведоци на истрели од огнено оружје, при што по кажување на сведоците, лице опремено со две пушки извршило убиство на повеќе од 10 бездомни животни на 7 различни локации. За ова сведочат и фотографиите направени од страна на граѓани кои го затекнале ова лице како шета утрото на 10.1.2023 година со огнено оружје низ Струга. Настанот е веднаш пријавен телефонски во СВР Струга од страна на граѓани, откако го слушнале пукањето и ги затекнале вработените на ЈП „Комунално“ Струга како ги собираат лешевите на убиените кучиња на улица, без притоа да го пријават настанот во СВР Струга, иако имале законска обврска да го сторат истото – објаснуваат од Анима мунди.
Активистите тврдат дека струшките полициски службеници при увидот затекнало лешеви од кучињата со прострелни рани, натоварени во возилото на ЈП „Комунално“ Струга и зеле изјава пријавителите, но одбиледа повикаат јавен обвинител на местото на настанот.
„Тие исто така одбиле одбиле да ги пратат лешевите по службена должност на обдукција, а со цел да се извадат куршумите и да се изврши вештачење со какво оружје е пукано и следствено, кој е сопственикот на оружјето и дали истото има дозвола за користење на истото. На прашањето на пријавителите, зошто одбиваат да постапат како што налагаат процедурите, Вашите вработени му се изнасмеале на пријавителот, прашувајќи го кој ќе ги плати обдукциите на кучињата, притоа не земајќи го предвид фактот дека преку таа постапка ќе се обезбедат клучни докази за пронаоѓање и утврдување на можни сторители на кривични дела“, укажуваат активистите во отвореното писмо до Спасовски.
Според нив, граѓаните кои пријавиле и биле затекнати на лице место преземале еден од лешевите и на сопствен трошок го однеле уште истиот ден на обдукција во ветеринарна амбуланта во Битола. Во обдукцискиот наод, пропратен со фотографии од процедурата, стои дека се извадени 7 (седум) куршуми само од едното куче кое било однесено на обдукција.
-Докторот по ветеринарна медицина се јавил во СВР Битола, барајќи полициските службеници да го преземат доказниот материјал по службена должност со записник и да го препратат до СВР Струга, но истите одбиле по основ дека тоа не било нивна работа. Па еве, сакаме да ја искористиме оваа прилика и да Ве прашаме, што всушност е работа на Вашите вработени? Прашуваме, чија должност е да го обезбеди потенцијалниот доказен материјал во постапка, притоа внимавајќи истиот да не се контаминира? Дали ова е работа на граѓаните или на Вашите служби кои се платени од граѓаните да се грижат за спроведување на одредбите од член 5 од Законот за полиција или поконкретно „спречување на вршење кривични дела и прекршоци, откривање и фаќање на нивните сторители и преземање на други со закон определени мерки за гонење на сторителите на тие дела“ – прашува здружението.
Оттаму напоменуваат дека насилството и користењето на огнено оружје во населено место каде што има голема фреквенција на луѓе претставува ризик и за граѓаните на Општина Струга и во недостиг на системско решение за решавање на проблемот со зголемената популација на бездомни животни во Општина Струга, не смее да се охрабрува вакво однесување, преку несанкционирање на истото.
-Дополнително, на објавите на социјалните мрежи за сторениот масакр, може да се забележи значително голем број на загрижувачки коментари од граѓани кои го поздравуваат актот на сторителот, му се нудат да му донираат куршуми, охрабруваат понатамошно убивање на бездомни животни и генерално алудираат на насилство – загрижено наведуваат активистите.
Тие порачуваат дека во конкретниот случај се прекршени повеќе закони и велат дека особено е иронично тоа што МВР во соработка со UNDP годинава водеше кампања посветена на опасностите од употребата на оружјето по здравјето и животот на граѓаните, но во случајот одбива да прибере докази за сторител кој испукал повеќе од 50 куршуми на јавен простор во Струга во само неколку часа.
Тие бараат од министерот да направи итен увид во постапката по овој случај, да утврди сторени неправилности и пропусти во постапката, а преку непостапување на полициските службеници.
-До моментот на овој допис, МВР се нема изјаснето дали е фатен и приведен сторителот и дали му е одземено оружјето – заклучуваат од Анима мунди.