Празничните собиранки доаѓаат по „данокот“.
Ординациите се преполни со пациенти со вирусна симптоматологија, а по повеќе од две години од појавата на ковидот, тешко се прави разлика меѓу симптомите на грип и коронавирус.
Дали рестриктивните мерки воведени поради пандемијата претходно нѐ штитеа и од грип, на што најчесто сега се жалат пациентите, кои се препораките за терапирање и дали суплементите може да ни наштетат, се само дел од прашњата за кои ММС разговараше со д-р Даниела Николовска, специјалист по семејна медицина од Кратово.
-Деновиве се случува хаос, имаме наплив на пациенти кој не е вообичаен, бидејќи во изминатите две години поради антиковид мерките ние немавме грип. Веројатно беше така поради маските што ги носевме и изолираните контакти. Грип немавме регистрирано две години и не беше така само кај нас во Кратово, туку секаде во Македонија беше падната бројката на заболени од грип, вели во интервју за Македонски медиа сервис д-р Николовска.
Според неа, оваа година има и грип и ковид.
-Меѓутоа имаме и еден друг проблем, не можеме да тестираме. Во Кратово нема ПЦР тест, а пациентите одбиваат да одат во Куманово. Правиме брзи тестови, кои знаат често да бидат лажно позитивни или лажно негативни. Поради тоа и најмногу се создаде „хаос“, но сѐ почеста е типичната клиничка слика за грип, а помалку за ковид моментално – објаснува докторката.
Покачена телесна температура и малаксаност – први симптоми на грип
Во однос на прашањето на што генерално се жалат пациентите и кои се најчестите симптоми, таа вели дека грипот прво се манифестира со висока температура (39 степени), па силна малаксаност, болка во зглобови и мускули. Николовска додава дека по ден-два почнува сувата кашлица, симптомите се проследени и со растечен нос или затнат нос, а кога болката почнува да попушта во мускулатурата, најчесто останува да ги мачи пациентите напорната сува кашлица.
Таа нагласува дека основните препораки се многу одмор и многу течности бидејќи грипот бара многу течности.
„Сувата кашлица бара добра хидрација, колку повеќе сме хидрирани толку полесно ќе ја поминеме. Се препорачува лесна храна, од витаминска терапија не препорачувам вештачки витамини, подобро е тоа да бидат витамини внесени преку храната, преку свежо овошје и зеленчук, цедени сокови“, смета д-р Даниела.
Таа констатира дека здравата храна е подобра од суплементите бидејќи како што вели, со нив претеравме во двете пандемиски години.
„Од суплементи препорачувам витамин Д како една редовна превентивна доза којашто секако треба да ја примаат и во педијатриската популација и возрасните, секако во соодветна доза“, порачува таа.
Антибиотик само при компликација
Во меѓувреме, докторката на социјалните мрежи апелираше дека е потребна особена внимателност при употребата на антибиотици и порача „прво компликација, па антибиотик“.
Ја прашавме како се манифестираат компликациите и во кој случај е најдобро да се дадат пациентите?
„Знаци на компликација кои пациентите сами можат да ги видат се покачена телесна температура која продолжува и после четвртиот ден. Компликација може да биде и влошена кашлица при што почнува искашлување на жолт или зелен секрет, болка во градите којашто може да биде остра, болка придружена со гушење, силна малаксаност, вртоглавици кои би можеле да значат и пад на сатурацијата или евентуално бледа или сино пребоена кожа или нокти, усни…Тоа веќе би значело дека сатурацијата ни е ниска. Тогаш најчесто пациентите комплицираат со бронхопневмонии, се прават дополни анализи, ренгенски снимки, повторно се прават крвни анализи, се проверува ЦРП, па тогаш се донесува одлука за антибиотска терапија. Значи антибиотик превентивно никако, се дава само при компликација“, предупредува нашата соговорничка.
Таа вели дека темата за антибиотиците често ја разговара со своите пациенти, но таа особено се актуелизирала во последните години. Додава дека пациентите ги прифаќаат и слушаат советите и не инсистираат да им се даде антибиотик доколку таа смета дека тоа не е потребно.
Кога станува збор пак, за вакцините против грип, д-р Николовска укажува дека е препорачливо луѓето од ризичните групи да се вакцинираат бидејќи дури и да се разболат, симптоматологијата ќе биде полесна кај нив.
Во ризичната група спаѓаат и децата, особено оние помали од две години, но вели дека досега кај нив нема проблем, па и тие кои имаат грип поминуваат со лесни симптоми. Сепак, таа вели доколку родителите имаат алтернатива за чување на нивните деца, да не ги носат во градинка пред третата година бидејќи тогаш се гради имунитетот.
Дополнително ситуацијата со грипот, смета Николовска, ја комплицира и високата загаденост на воздухот. Градот во кој е нејзината ординација, Кратово не е меѓу градовите со загаден воздух, но онаму каде што е загаден, луѓето се под зголемен ризик за респираторни болести, срцеви, но и мозочни удари.
„Во чистите средини престојот на свеж воздух кај оние кои немаат грип е задолжителен, а исто задолжително е и редовно проветрување на просториите во кои престојуваат. Доколку имаме и заболени од грип, за нив се препорачува престој на свеж воздух без зголемена физичка активност, да се проветри или навлажни просторијата и да се засити просторот со влага“, советува докторката.
Со оглед дека напоменува оти периодов има и грип и ковид, таа објаснува дека сега коронавирусот сѐ повеќе наликува на една лесна респираторна вироза, температурата не е покачена, има лесна кашлица, болка во грло.
„Ние докторите многу често и не можеме да направиме јасна разлика меѓу ковид и грипот. Кога навистина имаме потреба да знаеме дали се работи за ковид ако пациентот е искомплициран со бронхопневмонија задолжително се препорачува да се направи ПЦР тест за да се знае за понатаму за терапија“, додава таа.
Имајќи предвид дека е поборник за тоа витамините да се внесат преку храната, д-р Николовска потенцира дека доколку претераме со суплементите може да го оптеретиме на црниот дроб.
„Со витамините кои се растворливи во вода како што се витамин Ц и Б комплекс, генерално немаме проблеми бидејќи дури и да се претера со нивно земање тие лесно може да се исфрлат од организмот преку урината. Меѓутоа со витамини растворливи во масти како витамин А или Д, може да се направат проблеми бидејќи доаѓа до состојба на предозирање. За среќа сум немала јас такви проблеми со моите пациенти, дури и за време на ковидот ги дававме со ограничување. Се работи за таблети кои содржат и други супстанци, не се тука само витамините, така што тоа на еден начин е преоптоварување на црниот дроб и сметам дека нема потреба толку да се претерува со витаминска терапија“, додава таа.
Со погрешна употреба на парацетамол, сами си го нарушуваме одбранбениот систем
Во однос на трендот на посегнување по парацетамол и при минимално покачена телесна температура, вели дека тоа е погрешно бидејќи парацетамолот се зема за покачена температура над 38,5 степени.
„Доколку температура е под тоа, се работи за еден одбранбен механизам на организамот со кој нашиот организам се труди да се справи со вирусот. Нашиот организам ја качува телесната температура првите денови, доколку ние ја оставиме таа температура ние ќе ја намалиме можноста на вирусот за репликација и на тој начин полесно ќе се избориме со вирозата. Ако упорно пиеме парацетамоли дури и на минимално покачена температура, сами си го нарушуваме нашиот одбранбен систем и во тој случај вирусот повеќе нѐ напаѓа, тоа е многу логично објаснување“, советува докторката.
Меѓутоа, таа предупредува и дека грипот може да доведе и до енормно висока телесна температура, која всушност веќе мора да се лечи.
Николовска објасни и каква е соодветната доза во тој случај:
„Во тој случај ако возрасен пациент пие парацетамол од 500 милиграми ништо не сме направиле. Мора да се пие поголема доза, за возрасните пациенти дозата е 1000 милиграми парацетамол. Кај нас има таблети од 1000 милиграми, меѓутоа ретко ги наоѓаме по аптеките. Затоа советуваме по две таблети парацетамол од по 500 милиграми при покачена телесна температура над 38,5 степени. Некогаш тоа е на шест, некогаш е на осум часа, но да не се претера. Не смеат да се испијат повеќе од 4000 милиграми парацетамол во текот на 24 часа. Тоа би значело дека само четири пати во текот на денот смееме да земеме по два парацетамоли“, додава докторката.
Таа истакнува дека вообичаено парацетамолот ги решава болките и во мускулите и зглобовите, така што нема потреба дополнително да се земаат аналгетици. Евентуално при силна малаксаност или силна мускулна и зглобна болка може заедно со парацетамолот да се искомбинира таблетка ибупруфен.
„Вообичаено мускулна болка без покачена телесна температура, нема. Температурата прави мускулна болка и болка во зглобовите, кога ќе прекине температурата нема болка па ниеден лек превентивно не треба да го земеме“, објаснува докторката.
За крај, таа заклучува дека не треба да се претерува ни со лекови ни со витамини, да не се бараат антибиотици. Таа се согласува со дел од своите колеги специјалисти дека погрешното давање антибиотици често го имало изминатиот период кај ковид пациентите, но апелира дека сѐ што е вирусна инфекција се третира симптоматски.
„За жал, има многу пациенти, но и доктори кои на дијагноза грип препишуваат антибиотици. Тоа е загрижувачки, се знае антибиотик се дава при компликација. Самиот антибиотик делува имуносупресорно и го намалува нашиот имунитет. Ако се даде антибиотик веднаш, а потоа се случи компликација, таа не би можела да се лечи со тие антибиотици што се дадени, туку да се посегне по други. Такви грешки се правеа и со ковидот“, алармира докторката.
Таа вели дека актуелниот наплив на пациенти сега се случува поради гужвата во затворените простории, гужвата за празниците, гостите, собиранките.
– Тоа ни направи хаос, тоа е причина за овој хаос во ординациите, денес лабараторијата не може да постигне да ги направи крвните анализи. Од Нова година наваму веќе настана хаос, додава д-р Даниела Николовска.
Вања Мицевска